Семеен буџет: Колку чини стартот на учебната година
Додека Владата се уште не може да испечати учебници за старотот на учебната година, локалните власти обезбедија бесплатен школски прибор и ранци за првачињата. Речиси сите скопски општини се вклучија со мерката бесплатни комплети за секое прваче. Дел од општините пак наместо прибор, одлучија да доделат парични средства. Прва скопска општина која се вклучи со оваа акција е Кисела Вода, а ранчињата ќе ги подели на првиот училишен ден.
Бесплатни ранчиња со прибор ќе добијат и првачињата во Општина Бутел, Гази Баба доделува по 3000 денари, во Ѓорче Петров градоначалникот покрај ранци обезбедува и бесплатен појадок за сите 430 првоодделенци. Во Аеродром за сите првачиња се одвоени по 3500 денари а дополнително општината обезбедува и бесплатно пливање.
Материјално олеснување ќе има и за родителите на првачиња во општините од внатрешноста. Примерот го следат општините Демир Хисар, Македонски Брод, Кочани, Свети Николе, Струмица.
Училишниот прибор оваа година е поскап за околу 60 проценти повеќе од лани. По направената пресметка за да се подготви прваче со основниот материјал за учење, потребни се околу 6000 денари, за прибор со тетратки, моливи, боици, фломастери, ножички, ранец. Поради поскапувањето на хартијата најголем скок има на цената на тетратките, ако до лани една тетратка можеше да се купи и за цена од 10 денари, сега истата е двојно и тројно поскапа. Во меѓувреме учениците се уште чекаат свидетелства за минатата учебна година.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
