Семејно насилство причина мајка и ќерка да ја дочекаат новата година во шелтер центар
Додека најголемиот дел од граѓаните новата година ја дочекаа во кругот на најблиските, некои беа принудени да бидат надвор од нивните домови. 38-годишната струмичанка Јована и нејзината четири годишна ќерка наместо во топлината на својот дом новогодишната ноќ ја поминаа во шелтер центарот за згрижување жртви од семејно насилство. Секојдневното малтретирање и насилството од сопругот биле причина за оваа тешка одлука.
„Кога сите семејства си беа дома, на едно место сите јас и мојата ќеркичка бевме тука во шелтер центарот во Струмица. Ама за поарно, оти дома сигурно пак ќе имаше кршење, викање, пцуење, маж ми ќе беше пијан, а детето ќе се плашеше, нормално. Пијаница, што сакаш, не знае друго“, вели една од жртвите на семејно насилство.
38-годишната струмичанка не е единствена која била принудена да го напушти својот дом. Од шелтер центарот велат такви примери има секојдневно. За една година колку што функционираат биле згрижени околу 50 жртви, најголем дел мајки со деца.
„Жените кои што ќе излезат од тука излегуваат како нови личности со поголема самодоверба, со поголема верба во себе и сила да се спротивстават на насилството и да бараат да ги искористат сите институционални инструменти кои што ги имаат на располагање за да се стави крај на она што како насилство го имаат врз себе“, вели Катерина Дафчева - Шелтер центар за жртви на семејно насилство Струмица.
Дека семејното насилство било присутно на југоистокот од државата во изминатата година покажува и статистиката на МВР. Лани полицијата поднела 67 кривични пријави против 69 лица. Од нив 64 биле мажи, а 5 за жени.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
