Шефот на НАТО вели дека „има уште многу работа“ околу Гренланд

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека „има уште многу работа“ меѓу страните вклучени во спорот околу контролата на Гренланд, полуавтономен остров кој ѝ припаѓа на Данска.
Руте за американскиот радиодифузер Фокс њуз изјави дека тој и претседателот на САД, Доналд Трамп, во разговорите на маргините на Светскиот економски форум во швајцарскиот алпски град Давос се согласиле дека арктичкиот регион мора да се заштити заеднички.
Шефот на НАТО додаде дека САД ќе ги продолжат своите разговори со Гренланд и Данска, вклучително и за спречување на Русија и Кина да добијат пристап до економијата на Гренланд.
Опишувајќи ги разговорите како такви што дале „многу добар“ исход, Руте нагласи дека „има уште многу работа“, пренесе ДПА.
Тој рече дека страните се согласиле да разгледаат како НАТО може колективно да придонесе за да се осигура дека целиот арктички регион е безбеден, нагласувајќи ја потребата од мерки на копно, на море и во воздух за заштита на она што тој го нарече важен дел од светот и од територијата на НАТО.
На прашањето дали рамката за можен договор за Гренланд, која претходно ја најави Трамп, предвидува во голема мера автономниот арктички остров да остане дански, Руте рече дека „тоа прашање веќе не се појави во моите вечерашни разговори“.
Фокусот, рече Руте, беше на заштитата на Гренланд.
Трамп претходно изјави дека од неговата средба со Руте произлегла рамка за иден договор за Гренланд и за целиот арктички регион.
Американскиот претседател, исто така, рече дека сепак нема да воведува казнени царини за европските земји кои ја поддржуваат Данска, само неколку дена откако се закани дека ќе го стори тоа.
Руте претходно ги потврди коментарите на Трамп за рамка за можен договор за Гренланд, но рече дека не сака да изнесува никакви детали.
МИА
Ново на Сител
-

Стојаноски: Со новиот Кривичен законик секој во државава ќе мора да ги почитува законите, а правдата ќе важи за сите
-

Сите државни патишта проодни и безбедни за сообраќај, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
-

Трамп со јасна порака во Давос: САД нема да употребат сила за да го преземат Гренланд
-

Тошковски: Во тест периодот на „Безбеден град“ девет жртви помалку од истиот период лани
-

Управниот одбор на АД ЕСМ именува времени координатори во РЕК Битола и РЕК Осломеј
-

Николоски: Апелирам до ЕУ, македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во Шенген зоната за да не трпиме економски штети
-

Собранието донесе неколку закони во рамките на 81. пленарна седница
-

Престанок на забраната за тешки товарни возила на патните правци Маврово-Дебар и Гостивар-Стража-Кичево
