Шефот на НАТО вели дека „има уште многу работа“ околу Гренланд

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека „има уште многу работа“ меѓу страните вклучени во спорот околу контролата на Гренланд, полуавтономен остров кој ѝ припаѓа на Данска.
Руте за американскиот радиодифузер Фокс њуз изјави дека тој и претседателот на САД, Доналд Трамп, во разговорите на маргините на Светскиот економски форум во швајцарскиот алпски град Давос се согласиле дека арктичкиот регион мора да се заштити заеднички.
Шефот на НАТО додаде дека САД ќе ги продолжат своите разговори со Гренланд и Данска, вклучително и за спречување на Русија и Кина да добијат пристап до економијата на Гренланд.
Опишувајќи ги разговорите како такви што дале „многу добар“ исход, Руте нагласи дека „има уште многу работа“, пренесе ДПА.
Тој рече дека страните се согласиле да разгледаат како НАТО може колективно да придонесе за да се осигура дека целиот арктички регион е безбеден, нагласувајќи ја потребата од мерки на копно, на море и во воздух за заштита на она што тој го нарече важен дел од светот и од територијата на НАТО.
На прашањето дали рамката за можен договор за Гренланд, која претходно ја најави Трамп, предвидува во голема мера автономниот арктички остров да остане дански, Руте рече дека „тоа прашање веќе не се појави во моите вечерашни разговори“.
Фокусот, рече Руте, беше на заштитата на Гренланд.
Трамп претходно изјави дека од неговата средба со Руте произлегла рамка за иден договор за Гренланд и за целиот арктички регион.
Американскиот претседател, исто така, рече дека сепак нема да воведува казнени царини за европските земји кои ја поддржуваат Данска, само неколку дена откако се закани дека ќе го стори тоа.
Руте претходно ги потврди коментарите на Трамп за рамка за можен договор за Гренланд, но рече дека не сака да изнесува никакви детали.
МИА
Ново на Сител
-

Реал на врвот на ранг-листата на клубови со највисоки приходи трета година по ред
-

Филипче вели дека не поднесува оставка, целта му е општеството да заздрави
-

Нова железничка несреќа во Шпанија: воз се судри со кран, лесно повредени неколку лица
-

Жител на Идризово обвинет дека со закани барал пари од поранешен партнер на неговата ќерка
-

МЗ: Новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува забрана за рекламирање, промоции - приоритет е заштитата на децата
-

Официјално: Четири македонски спортисти на ЗОИ 2026
-

Кушнер во Давос ги претстави плановите за реконструкција на Газа
-

Годинава и лицата со оштетен слух ќе можат да уживаат во песните на Евровизија
