Македонија
16. September 2025 - 16:38

Шест месеци по трагедијата во Кочани, тројца повредени се уште во болница

62 млади животи згаснаа кобната ноќ во дискотеката Пулс во Кочани. Половина година потоа – осудени нема, а судскиот процес се уште не е почнат. Шест месеци, 62 семејства живеат во болка и тага и во потрага по правда за нивните најмили. Шест месеци кај 200 повредени се уште не зараснале раните од големата трагедија на 16 март. Тројца од нив се уште се на болничко лекување , голем број пак одат на физикална терапија која е неопходна за враќање на функцијата на екстремитетите. Следниот период работната група за евалуација повторно ќе врши прегледи и проценка на здравствената состојба.  

- Повторно ќе бидат авалуирани од пулмолози тие што имаат потреба од тоа, ние како пластични хирурзи ги следиме. Направивме консултации и соработка со лекари од странство и моментот е дека кај повеќето се уште сме во фаза кога е најважна физикалната терапија, носење на компресивна облека и силиконски лепенки, односно, во некоја фаза на чекање да заздрават тие лузни. И сегас во наредната етапа ќе се вклучат и дерматолози односно да продолжи тој третман на лузни со ласер, вели д-р Гордана Георгиева, пластичен хирург од Клиника за пластична и реконструктивна хирургија. 

Ако досега имаше посебни препораки за оние со изгореници да внимаваат на летните горештини, следниот период  е поризичен за лицата со инхалаторни повреди поради аерозагадувањето. Напредок во досегашните третмани има а кај некои заздравувањето може да трае и една до две години.  Лекарите велат се уште е рано за естетски корекции. 

- Прво, многу ни е битно да зреат тие лузни народски кажано, да имаме добра чкунка, добра подлога за тоа за да можеме понатаму да разговараме за протези и други интервенции кај нив, вели д-р Георгиева.

Соседите но и подалени европски земји веднаш понудија помош за третман на повредените од трагедијата во Кочани. Ден по пожарот повеќе од стотина беа испратени на лекување во странски медицински центри. Денеска, 6 месеци по трагедијата еден пациент се уште е на медицински третман во Турција.