Шојгу предупредува: Поради украинските дронови, ниеден дел од Русија веќе не е безбеден

Ниту еден дел од Русија повеќе не може да се смета за целосно безбеден поради забрзаниот развој на украинските воени технологии, пред сè на беспилотните системи, предупреди секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу.
Тој оцени дека зоната на ризик повеќе не се однесува само на пограничните подрачја, туку ги опфаќа и внатрешните региони, вклучувајќи го и Урал.
Говорејќи на состанокот во Уралскиот федерален округ, Шојгу наведе дека цел на украинските напади и понатаму се воените објекти, транспортната инфраструктура, како и енергетскиот сектор. Според неговите зборови, Урал, кој до неодамна беше надвор од дофатот на ударите, сега се наоѓа во зона на непосредна закана. Тој укажа дека динамиката на развојот на украинското вооружување, како и сè пософистицираните начини на негова употреба, доведуваат до ситуација во која „ниту еден регион на Русија не може да се чувствува безбедно“.
Шојгу оцени дека Русија не се соочува со изолирани инциденти, туку со организиран и широк систем на притисок во кој, како што наведе, се вклучени повеќе десетици држави. – Против нашата земја дејствува огромен систем – повеќе од 50, односно 56 држави – рече тој, без да прецизира за кои земји станува збор. Според неговите наводи, саботажите насочени кон критичната инфраструктура стануваат сè почести, што бара посистематски одговор и зајакнување на заштитата на клучните објекти.
Шојгу предупреди и на растот на бројот на терористички напади. Како што наведе, во текот на 2025 година во Русија се забележани 1.830 такви инциденти, што претставува зголемување од 40 отсто во однос на претходната година и дури 6,5 пати повеќе отколку во 2023 година. Тој додаде дека потценувањето на овие ризици би можело да ја загрози социоекономската стабилност на земјата и да ја отежне логистичката поддршка на воените операции.
Во изминатите денови забележани се и интензивни напади со беспилотни летала врз повеќе руски региони, вклучувајќи го и подрачјето на Москва. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, потврди дека нападите траеле повеќе денови последователно и дека противвоздушната одбрана дејствувала во повеќе правци. Според достапните податоци, во текот на ноќта соборени се 206 украински дронови над различни региони на Русија, од кои 43 во поширокото подрачје на престолнината. Само во Московската област до утрото на 17 март соборени се 38 летала.
Експлозии и дејства на противвоздушната одбрана се забележани во повеќе области, вклучувајќи ги Одинцово, Солнечногорск, Истра и Нахабино на северот и северозападот, како и Подолск и Троицк на југот и југозападот на Москва. Во светло на ширењето на заканите, руските власти ги засилуваат мерките за заштита, особено на објектите од стратешко значење. Заменик-претседателот на Одборот за одбрана на Државната дума, Јуриј Швиткин, изјави дека веќе се спроведуваат одлуки насочени кон зајакнување на ПВО и дополнително обезбедување на критичната инфраструктура.
Тој наведе дека мерките се реализираат како на законодавно, така и на извршно ниво, вклучувајќи и формирање на специјализирани единици за заштита на важни индустриски и енергетски објекти. Истовремено го нагласи значењето на општествената кохезија во актуелните околности, оценувајќи дека станува збор за момент кој бара единство. Кремљ оценува дека нападите со беспилотни летала претставуваат обид на Украина да го одржи притисокот во услови на продолжен конфликт. Портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, изјави дека таквите акции не влијаат врз стратешкиот курс на Москва. Тој додаде дека руските сили продолжуваат со спроведување на воените операции и активности насочени кон обезбедување на регионалната безбедност.
МИА
Ново на Сител
-

Макрон: Франција нема да учествува во воени операции во Ормуската теснина
-

„Кир не е Винстон Черчил“: Трамп разочаран од британската воена поддршка против Иран
-

Зеленски ја прифати помошта од ЕУ за нафтоводот „Дружба“
-

Шојгу предупредува: Поради украинските дронови, ниеден дел од Русија веќе не е безбеден
-

Утре не очекува променливо облачно и посвежо време
-

Вчера четири лица лишени од слобода за семејно насилство во Скопје, Тетово, Кичево и Куманово
-

Сиљановска-Давкова на средба со претставници на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија
-

Кривична пријава против три физички и едно правно лице од велешко за сторени повеќе кривични дела во врска со кражба на дрва
