Македонија
7. April 2026 - 21:13

Штетите од војната на Блискиот Исток ќе се чувствуваат со години

Глобалната економија се соочува со тежок удар. Наместо очекуваното подобрување на економскиот раст, светот сега влегува во фаза на повисока инфлација и забавена активност поради конфликтот на Блискиот Исток кој го парализираше клучниот пат за снабдување со енергенси.

Според извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, затворањето на Ормутскиот теснец предизвикало пад на глобалното снабдување со нафта за 13%, што е за еден процент повеќе од времето на Ковид пандемијата.

-Имаме значително влијание од нафтата, од гасот и од прекинот на синџирите на снабдување, од ѓубрива до хелиум. Второ, влијанието е глобално. Секој на планетата го чувствува тоа – вели таа.

Дури и во случај веднаш да заврши војната, штетата е веќе направена.

-Само погледнете го Катар. Тие наведуваат дека 17% од нивното производство на гас ќе биде отсутно во следните три до пет години поради нанесената штета. Според Меѓународната агенција за енергија, 72 енергетски објекти за дистрибуција на производство се оштетени. Една третина од нив се оштетени позначајно. Значи, дури и ако војната престане денес, ќе има трајно негативно влијание врз остатокот од светот – истакна Георгиева.

Најзагрозени ќе бидат посиромашните земји – оние што немаат свои енергетски резерви и немаат многу пари во буџетот за да им помогнат на граѓаните.

ММФ на 14 април ќе објави низа сценарија во извештајот за светската економија. Георгиева предупреди дека владите мора да бидат внимателни со поддршката за граѓаните – давањето премногу пари во време на намалена понуда само дополнително ќе ја поттикне инфлацијата. Наместо тоа, помошта мора да биде прецизно насочена само кон најранливите. Такви мерки бараат и домашните експерти.

-Прво, мерки коишто треба да се донесат се социјални мерки, таргетирано помагање на најранливо категоризираните граѓани преку ваучери за енергија. Второ, мерките коишто ќе бидат донесени треба да бидат брзи и ефикасни без многу бирокатратизација и администрирање. Тоа значи оние дата бази на државните институции кој во која категоризација спаѓа, тоа да биде многу побрзо и поедноставно. Бидејќи и најсовршената мерка, вие ако ја одложите, таа нема ефект. И на крај, мислам дека фокусот треба да се стави на средниот слој на граѓани, од 600 до 800 евра, и тие исто ќе претрпат притисок – кажа Синиша Наумоски, универзитетски професор.

А токму таргетирани мерки најави и премиерот, за следната владината седница веднаш по велигденските празници.