Штип „безбеден град“ – инсталација на 24 часовен видео надзор
Штипските советници донесоа одлука, градот да биде покриен со видео надзор, што е дел од проектот „Безбеден град“. Изминатите години доста се инвестираше во инфраструктрата на општината, но несовесни граѓани честопати ja кршеа и уништуваа урбаната опрема.
-Предвидено е да бидат поставени 146 камери на територијата на целата општина, од кои, 136 камери се со една техничка спецификацја, а 10 камери се со посилна техничка спецификација. Овое со појака конфигурација ќе бидат поставени на влезовите на општината, односно, на сите 4 страни ќе има поставено камери, изјави Вишна Шорова Ангелова, секретар на општина Штип.
Камерите ќе бидат поставени на вкупно 54 локации. Целиот систем ќе биде следен во мониторинг центар, сместен во просториите на општинската зграда, за што ќе бидат ангажирани 6 лица со посебни квалификации.
-Овие лица ќе добиваат посебни овластувања и сертификати за вршење на оваа работа. Ќе бидат задолжени сите информации да ги држат во тајност, што значи дека видео материјалот нема да биде јавно достапен и ќе се чува во системот, не повеќе од 30 дена, додаде Шорова Ангелова.
Ќе се надгледуваат парковите, пешачките патеки, детските градинки и училиштата, а целата инвестиција е вредна 10 милиони денари.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар