Македонија
7. November 2026 - 17:02

Штип ги награди своите најуспешни сограѓани

Младиот штипјанец Марко Џорлев, светскиот шампион во карате е добитник на престижната награда „8 Ноември“, највисокот признание што го доделува општина Штип. Признанието од родниот град за него претставува дополнителен мотив за нови спортски успеси.

- Ова беше многу голем успех, но имам само 15 години и ова претставува многу голем поттик за мене и мотив да продолжам уште понапорно и во иднина да ги израдувам Македонија и градот Штип уште многу пати, изјави Марко Џорлев, светски првак во карате.

Наградата за животно дело му припадна на музичкиот автор и еден од основоположниците на „Макфест“, Стојан Троицки.

- Во секој случај, големо признание и големо задоволство. 'Макфест' ми е ја зема младоста и душата како што вели Трајче Манев во „Осамен“. Се чувствувам малку гордо, сега кога градот на некој начин ми се оддолжува, изјави Стојан Троицки, основоположник на „Макфест“.

Традиционалните осмоноемвриски награди беа доделени на свечената седница на Советот, со која Штип одбележа 82 години од ослободувањето.

На 8 ноември 1944 година градот бил ослободен од фашистичкиот окупатор, а во борбата за слобода животите ги положиле 814 жители.

- Нашата должност како генерација е да продолжиме да го градиме нашиот град Штип со иста љубов и решителност што имале тие што ни ја подарија слободата. Да создадеме град во кој младите ќе сакаат да останат. Град со иднина, со развој, со вредности, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Меѓу годинашните добитници се и други поединци и институции кои со својата работа и постигнувања дале значаен придонес во развојот и афирмацијата на градот под Исарот.