Штип и натаму има сериозни проблеми во снабдувањето со вода
Флаширана и техничка вода во цистерни обезбеди локалната самоуправа за најзасегнатите жители од штипските населби кои веќе 4 дена се без вода за пиење и заосновните хигиенски потреби. Бидејќи, проблемот станува акутен и сериозен, на лице место излезе и штипскиот градоначалник.
-Кога човек нема вода и едно шише е благодет-изјави жителка на населба Баби.
-Јас сакам да Ви се извинам за настанатата состојба, ќе се трудиме да го решиме проблемот, ова е за вас (шише со вода), за секое домаќинство кое се соочува со немање на вода-изјави Иван Јорданов градоначалник на Штип.
Само што беше решен дефектото на главната водоводна линија и започна со дистрибуција на вода во водоводната мрежа, повторно пукна цевка, со што водоснабдувањето во половина град беше стопирано. Дефектите се резултат на тоа што старата и дотрајана водоводна инфраструктура не може да го издржи високиот притисок и зголемената потрошувачка на вода во летните месеци.
-Дефинитивно и по секоја цена ќе се распише референдум за искористување на средствата од самопридонесот. Дополнително, општина Штип ќе ко-финансира сопствени средства за промена на водоводните линии кои што се застарени, азбесни и штетни по здравјето на граѓаните. Сето друго, етапно решавање и отклонување на дефектите, за момент ги решава проблемите, но не и целосно решавање на она што значи водоснабдување на „градот под Исарот“-изјави Јорданов.
Дополнително, ТАВ до крајот на годината треба да избере економски оператор и да исплати 1,2 милиони евра за изградба на водоводна линија 2, како компензација за неизградениот карго аеродром во близина на Сушево во Овче Поле. Со тоа ќе се обезбеди непречено водоснабдување и во приградските населби и новата индустриска зона „Плуждино“.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар