Македонија
5. јуни 2026 - 16:38

Што нуди новиот нон-пејпер за Македонија?

Наместо со децении да се чека пред затворената врата на Европската Унија по принципот се или ништо, Париз и Берлин нудат модел каков што досега немало на маса. Суштината на најновиот француско-германски нон-пејпер е воведување на систем каде што секој постигнат напредок дома носи соодветна награда и поголема вклученост во Унијата, многу пред официјалното членство.

Овој нов пристап нуди директни и конкретни придобивки за граѓаните и економијата во зависност од сработеното. На пример, доколку земјата ги исполни потребните стандарди, македонските компании би добиле предвремен пристап до Единствениот европски пазар, со што се отвораат огромни можности за домашниот бизнис. Понатаму, со затворање на соодветните реформски цели, македонските министри би добиле статус на набљудувачи со право да учествуваат на состаноците во Брисел, додека граѓаните би имале целосен пристап до европските програми за образование и дигитализација.

- Учество како набљудувач, без право на глас, во одредени точки од дневниот ред на состаноците на Советот за надворешни работи. Услов: Привремено затворање на Поглавје 31 (Заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика).

- Учество во одредени точки од дневниот ред на Советот како набљудувач, без право на глас. Услов: Затворање на релевантните поглавја од пристапниот процес.

Но и покрај овие нови можности, француско-германскиот предлог јасно потенцира дека постепената интеграција не е замена за полноправното членство. Истовремено тој не ги заобиколува ниту уставните измени кои се услов за Македонија. За да ја почне постепената интеграција а со тоа и да ги користи бенефитите од предлогот, Македонија ќе мора да ги отпочне преговорите условени со уставни измени. 

Германскиот канцелар Мерц порача дека за повеќе од една деценија застој во проширувањето вината не е само кај кандидатите, туку и кај самата Унија, која мора да покаже поголема подготвеност и ефикасност. Токму затоа, Берлин и Париз заеднички го предложија новиот нон-пејпер, со цел да се олесни процесот и конечно да се размрда евроинтеграцискиот пат на регионот.

Премиерот Мицкоски е задоволен од средбата што ја имал со германскиот канцелар Мерц, а пофални зборови имаше и за средбата со францускиот претседател, на што следеше и фотографија со цврство ракување кое испраќа сигнал на партнерство меѓу Скопје и Париз.

Бугарскиот премиер Румен Радев и од Тиват потсети дека интеграцијата на Македонија зависи од уставните измени.  

Дека во Брисел правилата се менуваат преку ноќ и дека ништо не е сигурно, најпластично опиша албанскиот премиер Еди Рама.

„Во животот само три работи не можат да се предвидат: Господ, секс и Европската Унија“, изјави Рама.