Македонија
7. March 2023 - 16:43

Што се случувало синоќа во барот „Албум Шиша“ во Чаршија?

Напаѓачите во бегство, телата на  убиените на обдукција. Полицијата се уште трага по сторителите на двојното убиство кои вчера околу 20 ч  на Кале решетаа со калашникови. Ликвидирани се 37г Јетон Кривањева - Жила кој бил  познат во криминалното подземје и неговиот пријател  28 г Енес Исени со прекар Лаци. Официјално МВР соопшти дека напаѓачите биле група од 5 лица во облека која наликува на униформа и со фантомки на глава влегле во локалот Албум Шиша. Според очевидци напаѓачите глумеле полициска рација а откако ја пронашле својата мета им пукале директно во глава. Само половина час по убиството во Горно оризари на патот кон граничниот премин Блаце, беше пронајден целосно изгорен автомобил ауди А6 со кој наводно избегале сторителите.

Неофицијално во автомобилот биле изгорени автоматските пушки со кој го извршиле убиството и два мобилни телефони.

Обвинителството прибира докази од автомобилот, се прегледуваат видео снимки од камерите на локалот и улицата на влезот од старата скопска чаршија.

Сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од лице место во угостителскиот објект во кој се случи настанот се предадени на вештачење. Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени.

На распит е повикан и повредениот, кој синоќа со прострелни рани беше однесен во старата градска болница. Тој по лекарскиот третман беше пуштен на домашно лекување.

Неофицијално се работи за пресметка меѓу две ривалски криминални групи. Убиениот Жила важи за еден од главните нарко босови од Грчец, додека за напаѓачите се зборува дека исто така се дел од нарко подземјето од скопско Арачиново. Наводно пресметката била за преземање на бизнисот со продажба на кокаин. Втората верзија е дека двете групи имале инцидент пред извесно време, а убиствата се освета. Неофицијално меѓу приврзаниците на криминалните групи има припадници на МВР.   

Инаку убиениот Жила беше мета на напад и во 2019 во хотелот Александар Палас. Во овој настан, со интервенција на полицаец во цивил кој во моментот седел на истата маса со нападнатите беше  спречено убиство.

И тогаш маскирани луѓе стрелаа кон група во која беа Жила и Камер Идризи кој исто така е дел од криминалното подземје. Идризи  пред две години беше убиен во скопската населба  Бутел додека возел а во него беше  пукано од друг автомобил во движење. Ова  убиство се уште не е расветлетно.