Сиљановска-Давкова - Берсе: Фрустрациите кај земјите кандидатки поради застојот во процесот на проширување може да создадат негативни политички тенденции

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера остварила средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој престојува во официјална посета на земјата.
Таа, како што посочија од Кабинетот на претседателката, ја истакнала улогата на Советот на Европа како најстара европска институција, која повеќе од седум децении ги унапредува демократијата, човековите права и владеењето на правото како темелни вредности.
Според претседателката, новиот демократски пакт за Европа претставува важен чекор кон обновување на довербата во институциите и зајакнување на демократската отпорност, во услови на длабоки политички, безбедносни и технолошки промени.
- Сиљановска-Давкова посочи дека развојот на дигиталните технологии и вештачката интелигенција отвораат нови предизвици поврзани со заштитата на човековите права, приватноста и демократските вредности. Од овие причини го поздрави потпишувањето на Рамковната конвенција за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото, со што државата се вброи меѓу првите земји потписнички - стои во соопштението.
За неа, одлуката за затворање на постмониторинг-дијалогот со земјата е значајно институционално признание за напредокот во реформите врзани за владеењето на правото, независноста на правосудството и борбата против корупцијата.
Македонската претседателка, која има тридецениско искуство во телата на Советот на Европа, потсети дека државата активно ги спроведува европските реформи и останува меѓу најусогласените кандидати со acquis communautaire и предупреди дека билатерализацијата на пристапниот процес го поткопува концептот на проширување заснован врз Копенхашките критериуми.
Исто така, таа укажала на неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур од страна на одделни земји членки нагласувајќи дека прашањата поврзани со правото на здружување, идентитет и самоопределување не се билатерални, туку европски прашања, што се однесуваат на основните права и слободи гарантирани со Европската конвенција за човекови права.
Генералниот секретар Берсе посочи дека фрустрациите кај земјите кандидатки поради застојот во процесот на проширување може да создадат негативни политички тенденции и нагласи дека е неопходна нова динамика, особено во регионот на Западен Балкан.
Осврнувајќи се на Европскиот суд за човекови права, Берсе истакнал дека Советот на Европа работи на механизми за поефикасна и побрза имплементација на судските пресуди за да се обезбеди нивно суштинско, а не симболично спроведување.
Обајцата изразија подготвеност за интензивирање на соработката, во пресрет на македонското претседавање со Комитетот на министрите на Советот на Европа во периодот 2027 - 2028 година.
МИА
Ново на Сител
-

Државата ќе гради Национален дата-центар
-

Пет лица под лупа на ДКСК поради истовремено извршување повеќе функции
-

Се е подготвено за вечерашниот старт на Пиво фест, ќе трае до недела, се очекуваат гости од цела Македонија
-

Поплавени објекти и оштетени возила по големото невреме кое синоќа ја погоди Битола
-

Тема на денот со Драган Тилев, поранешен државен советник за европски прашања
-

Над 1000 граѓани во болница, пумпи со вода од Вардар биле приклучени на градскиот водовод!?
-

Над 1000 граѓани во болница, пумпи со вода од Вардар биле приклучени на градскиот водовод!?
-

Забрана за користење на водата во Гостивар
