Сиљановска Давкова и Милатовиќ: Македонија отсекогаш имала реформски капацитети, потребна е политичка волја во ЕУ за забрзување на процесот на проширување

Македонија спроведе многу работи, кои од неа беа побарани од Европската Унија, земјата отсекогаш покажувала реформски капацитети, подобри и од многу други земји-кандидати, но се уште нема почнато преговори и е западната во еден вид политичка немилост во самата Унија, односно во ситуација кога нема политичка волја да се забрза процесот.
Ова го заклучија денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова и нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ на предавањето посветено на процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, што го одржаа пред студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Двајцата претседатели говореа за значењето на евроинтеграцијата, за придобивките, што самата држава ги добива во пристапниот процес во однос на транформирање и демократизирање на општеството, за политичките и геополитичките препреки и за состојбите внатре во самата ЕУ, но и за потребата Унијата во себе да го интегрира Западен Балкан, бидејќи со него ќе се стави крај на вештачката класификација или споредба Исток-Запад. Заклучија и дека во ЕУ почесто се влегува од политички, отколку од економски причини, а проблемите, со кои се соочуваат кандидатките, полесно се решаваат одвантре, отколку од надвор.
-Рекордер сме во светот по промена на Уставот, 36 пати. Рекордер сме, тука не ја имам предвид Турција, во чекањето. Кандидатски статус добивме во 2005 година, значи чекаме 20 години. Пазете во 92-та година во извештајот на Бадентеровата комисија составена од седум претседатели на уставни судови формирана од Европската заедница стои дека Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за да бидат признаени од Европската заедница. Словенија беше, ние останавме и сѐ уште чекаме. Уште еден податок, во 2019 година во ЕУ имаше речиси консензус за да почнеме преговори. Тогаш бевме две држави, одевме заедно со Албанија, но Данска и Холандија рекоа „не“...Ние секогаш сме покажувале не само реформски капацитет, без оглед која партија е на власт и сега тоа го покажуваме бидејќи јас ги анализирам годишните извештаи и ги споредувам со сите кандидати, туку ние подобро стоиме, не говорам за Црна Гора, од многу други кандидати во областите. Ама сѐ уште не сме отвориле преговори. Сѐ уште не сме разговарале за најважниот кластер Фундаменти од наведените причини. Сѐ уште не се занимаваме со поглавјата. А тие се најважни за ние да станеме Европејци од типот на жители на Копенхаген, кои што ги знаат и ги применуваат копенхашките критериуми. Тука е владеењето на правото, тие се најважни копенхашки критериуми - истакна претседателката.
Сиљановска Давкова рече оти е важно да се земе превид сегашниот амбиент во ЕУ, нагласувајќи дека пред два дена излегол извештајот Civil Liberties Law Report за 2026 година, којшто ја оценува состојбата со владеењето на правото внатре во самата Унија. Според извештајот, прогрес е забележан во Литванија и Летонија, без прогрес во владеењето на правото се Хрватска, Чешка, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Малта, Холандија, Полска, Романија, Словенија, Шведска, а регрес е забележан во Белгија, Бугарија, Данска, Естонија, Ирска и Словачка.
-Тоа е амбиентот. Значи, не случајно јас укажувам на авторитарните тенденции не само во земјите што излегоа од бившиот социјализам, туку и во европските држави. Дури во некои се појавува и опасност од републикански монархизам; ќе препознаеме однесувања што потсетуваат на каудиљизам, на цезаризам, на бонапартизам. Војните секогаш ги поттикнуваат овие тенденции. Воена демократија нема - , рече Сиљановска Давкова.
Таа се освртна и на синтагмата Западен Балкан, нагласувајќи оти има геополитичка, а не географска природа, се појавила околу 2000-тата година и значеше, како што рече, всушност периферија на периферијата.
-И логично ќе видите во научните трудови пишува дека се однесува на земјите од бивша Југославија, минус Словенија, плус Албанија...Сега кога влезе Хрватска, беше минус Хрватска, плус Косово. И така се менува и понатаму. На крајот ќе остане празна синтагма бидејќи кога ќе влезат сите држави од таканаречениот Западен Балкан, терминот сам по себе ќе биде бесмислен. Contradictio in adjecto, ќе речеме ние. Тоа е првата напомена. Сите држави од бивша Југославија, и што е интересно можеби и најголемиот број од политичките субјекти, ако не и сите беа согласни за потребата од реинтеграција, намерно велам, реунификација во Европската Унија. Зошто? Бидејќи географски, историски и културно, секогаш сме биле дел од Европа. Логично е тогаш и политички да бидете таму. Тоа е нешто што мислам дека е навистина важно да се напомене - рече претседателката.
Таа посочи дека во многу случаи во ЕУ се влегува од политички причини, наспроти економските иако ЕУ проектот е заснован на Европската економска заедница.
-И затоа мислам дека сегашната војна што се случува укажува на она што веќе го напомена мојот колега, дека не зборуваме само за феномен на проширување. Зборуваме за стратешка потреба, геополитичка потреба од обединување на Европа. Од една страна, за да може да биде ЕУ конкурентен играч на многу комплицираната геополитичка сцена. Мултиполарна сцена на која има непредвидливи фактори и играчи. Тогаш се разбира дека обединувањето е многу важно - рече Сиљановска Давкова.
Како пример ја посочи Грција, која влезе во '82 година, а за која негативно се изјаснија и ЕП и ЕК, но Европскиот совет рече „да“ и тоа придонесе за надминување на сериозните демократски проблеми во оваа држава, а како такви примери ги наведе и Шпанија, Португалија, Бугарија, Романија.
-Може да го проверите извештајот, во него јасно пишува дека низ призма на организираниот криминал и корупцијата имаат сериозни проблеми овие две држави. Но дека однатре, полесно ќе се борат со нив. Сѐ уште се борат, меѓутоа еве еден, ми се чини добар чекор на Европската Унија, рече таа во однос на Бугарија и Романија.
Претседателката нагласи дека подеднакво важно за ЕУ е да го интегрира во себе Западниот Балкан, бидејќи со него ќе се стави крај на вештачката класификација или споредба Исток-Запад.
-Значи, кога поттикнувате некого на патот на европеизацијата, мислам на третиот бран на демократизацијата на Хантингтон, иако немавме море, со орканска сила ја зафати Централна Источна Европа, тогаш тоа е многу битно да не го заборавите. Ние не сме проблем за апсорпциониот капацитет на Европската Унија. Ние сме лоцирани на многу специфична раскрсница меѓу Истокот и Западот. Нашиот влез ќе стави крај на вештачката класификација или споредба Исток-Запад, бидејќи таа е врзана за Студената војна и времето претходно - рече таа.
Додаде дека ЕУ исто така има потреба од Западниот Балкан, од неговиот пазар.
-И на крајот велам дека ќе се заокружи приказната и нема да има разлика меѓу Европска Унија и Европа. И тоа е нешто што е важно - нагласи претседателката.
Таа додаде дека интеграњето на регионот има геополитичко значење имајќи ја предвид војната во Украина.
-Да ве потсетам значи на тезите од таканаречената теорија „Срцето на светот“ на Мекиндер: „Кој го управува или поседува срцето на светот, го управува светот. Во 19-от век срцето на светот каде го лоцираше во Украина. Кога ги читаме Бжежински и Кисинџер и таму гледаме дека главните геостратешки интереси на шаховската табла беа каде? Во Украина. Затоа јас значи имам разбирање. Да, ова што се случува е страшно, иако мислам дека секогаш можат војните да се спречат и дека е подобро да не се случат бидејќи пак ќе мора да седнете на зелена маса и да одлучувате, ама кој е тој кој одлучува дека милиони луѓе можат да бидат колатерална штета - рече Сиљановска - Давкова.
Претседателката посочи дека во основните акти на ЕУ пишува дека Унијата ќе го почитува националниот и културниот идентитет на сите нации и држави, дигнитетот и интегритетот на сите граѓани.
- Дури има фамозен член 4, во кој што пишува дека ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите. Има член 8, во кој што пишува дека ЕУ ќе ги поттикнува договорите на членките со соседите засновани врз реципрочна основа. Има и еден член 7 во кој што кажува дека ако членките на ЕУ не ги почитуваат темелните принципи и вредности, тогаш една третина од државите или една третина од пратениците или Комисијата можат да покренат постапка пред Европскиот совет за лимитирање на нивните одлучувачки права. И тоа се случи неколку пати последен пат во однос на Унгарија и на Полска - нагласи таа.
Потсети и дека ЕУ ја потпиша Конвенцијата за европска за слободите и правата, што значи ја призна и јурисдикацијата на Судот во Стразбур.
-Дваесет пресуди има во Стразбур против нашиот сосед. Важат ли пресудите за сите? Каков е тој Суд чии пресуди не важат? Честопати се прашувам... сум го поминала животот во Советот на Европа и знам за сериозните предлози да се исклучуваат државите од Советот на Европа доколку не ги почитуваат пресудите во Стразбур. Значи скрининг процесот за нас покажа дека добро стоиме во најголемиот број од областите. Околу дваесетина извештаи годишни за нас исто така позитивна оценка даваат - рече таа.
Додаде дека прашањето што сега не кочи за да почнеме преговори прв пат се појавило во 2021-та година во извештајот на пратеникот Илхан Ќучук, кога се појави прашањето за бугарското малцинство, односно за негово внесување во преамбулата. Таа направи една ретроспектива, посочуваќи декаво 1992 година Бугарија ја призна Македонија без никаква забелешка во поглед на внесувањето на Бугарите во Уставот и додаде дека во сите понатамошни случувања мора да се почитува начелото Pacta sunt servanda.
Се осврна и на состојбата со македонското малцинство во Бугарија, наведувајќи дека иако соседната земја има Совет за малцинство, во него нема ниту еден Македонец, а во неодамна декласифицираниот извештај од пописот во Бугарија од '56 година голем број граѓани се попишале како Македонци.
Таа зебележа дека ЕУ нема за едничка малцинска политика, а како пример ги наведе Франција и Грција, кои не сакаат да ја потпишат Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ потсети дека Црна Гора досега отворила 33 преговарачки поглавја, успеала да затвори, вклучувајќи ги клучните области како што е јавните набавки, правда, основни права, финансиските контроли, а до крајот на крајот на процесот очекува да затгворат уште 19 поглавја.
Тој рече дека кога се говори за процесот на евроитеграција може да се зборува за четири потенцијални сценарија со кои се соочуваат државите кандидати на нивниот пат кон Европската Унија.
Овие четири потенцијални сценарија се карактеризираат во однос на два клучни фактора кои се доминантни и пресудни кога е иднината на овој процес во прашање. Првиот фактор е политичката волја на самата Европска Унија, односно на земјите членки да примат нови членки. Вториот фактор е политичката волја на самата земја кандидат да исполни одредена реформска агенда која е предуслов во рамки на овој процес.
Првото сценарио е дека земјата кандидат не успева да го искористи овој процес за демократски и институционален напредок и како резултат на тоа, ЕУ едноставно не сака да ја прими. Второто сценарио е кога земјата кандидат продуктивно го користи процесот на пристапување, ги гради институциите, ги унапредува своите демократски стандарди и се бори, меѓутоа, наспроти тоа ЕУ не покажува политичка волја да ја прими таа земја, да го забрза процесот на европска интеграција.
-Јас можам слободно да кажам дека во некој претходен период, дури и вашата држава беше во такво сценарио. Секако дека Северна Македонија направи многу работи што беа барани од неа, меѓутоа, како резултат на сето тоа, западна во еден политички момент во ЕУ, каде што не постоеше политичка волја да се забрза процесот. Ова сценарио е она во кое и едната и другата страна губат. Мислам дека тука не треба да се зборува за тоа дека од еден оптимизам кој постоеше во Северна Македонија во некои претходни години, јавното мислење се префрли во еден повеќе или помалку песимистички наратив во врска со иднината на членството на Северна Македонија. И тоа не е добро - рече Милатовиќ.
Третото сценарио е кога државата кандидат не го користи овој процес на пристапни преговори да направи доволно, не напредува демократски, не напредува институционално, меѓутоа поради геополитички причини постои политичка волја во Европската Унија за таа држава да напредува. Тој посочи дека многумина говореа дека таков беше случајот со членството на Романија и Бугарија.
-Ниту тоа не е добро сценарио од причина што државите кандидати едноставно не го користат процесот на пристапување во неговиот полн потенцијал за институционално да напредуваат, за демократски да созреваат и да ги унапредат определените демократски и европски стандарди. Не заради ЕУ, туку поради стабилноста на своите институции и подобриот живот на своите граѓани - рече Милатовиќ.
Четвртото сценарио го нарече „вин-вин“, каде што двете страни ја вршат својата работа, односно каде што државата кандидат го користи пристапниот процес, како нешто што ѝ помага дополнително да напредува во контекст на своето демократско и институционално созревање и економскиот развој. Од друга страна, земјите членки на ЕУ го гледаат и го наградуваат тоа и како резултат на овој процес се случува и полноправното членство.
-Токму ова четврто сценарио е она кое е најдобро и за Европската Унија и за државите кандидати. Токму ова јас го замислувам за Црна Гора. Значи, мора да го искористиме процесот на пристапување кон ЕУ како надворешно сидро, за да ги поттикнеме реформите и да ја зајакнеме демократијата, очекувајќи да се придружиме кон ЕУ како целосно подготвена и посветена држава членка, па затоа од суштинско значење е сега максимално да го искористиме овој процес - нагласи тој.
Милатовиќ додаде дека во таа смисла Црна Гора си поставила амбициозна, но целосно остварлива цел – а тоа е да стане 28-ма држава членка ндо 2028 година.
-Успехот на Црна Гора во таа смисла би бил значително поголем од Црна Гора, затоа што тоа би била една вистинска и добра порака за сите други држави кандидати дека токму ова четврто сценарио, каде што и државата напредува на својата реформска агенда, но истовремено каде што и Европската Унија го цени тоа суштински се случува. Тоа би испратило една добра порака на сите други држави кандидати дека проширувањето не живее само на зборови на политичарите на некакви конференции, туку дека тоа навистина и се случува. Ете, јас на тој начин ја гледам улогата на Црна Гора - рече Милатовиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп: Американските сили ќе се повлечат од Иран „многу брзо“
-

Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење наредната недела на Влада, синхоринизирани сме со сите институции
-

Сиљановска Давкова и Милатовиќ: Македонија отсекогаш имала реформски капацитети, потребна е политичка волја во ЕУ за забрзување на процесот на проширување
-

Средба на Мицкоски со Милатовиќ: Продолжуваме да градиме мостови на пријателство, стабилност и заеднички напредок
-

Малолетничка нападната од две други девојчиња во парк во Ѓорче Петров
-

Мартин Саздов започнал љубовна врска со Ивана, Стојанче се заканувал дека ќе објави експлицитни видеа
-

Мицкоски: Јавноста очекува одговори како беа „оживеани“ предметите на СЈО, за 27 април, за модуларната болница во Тетово
-

Облачно и студено до недела, ветер и до 70 километри на час
