Македонија
11. November 2026 - 19:07

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

- Да си заминеме од Анталија штом амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија.

- Десет години откако мојата земја го потпиша Парискиот договор, остануваме убедени дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите. Станува збор за светот што ќе им го оставиме на идните генерации. Ние сме првата генерација којашто целосно ги разбира последиците од своите избори, а можеби и последната којашто има време да го промени правецот. Идните генерации ќе живеат со последиците од нашите одлуки - нагласи Сиљановска-Давкова.

Во својот говор Сиљановска-Давкова посочи дека климатските активности ги поставила не само како личен, туку и како политички приоритет.

- Ова убедување ме поттикна да иницирам национален дијалог во македонското општество обединувајќи експерти, креатори на политики и практичари за заедничко обликување на нашата климатска агенда. Оваа колективна заложба е делумно одразена во нашиот трет Национално утврден придонес (NDC 3.0) каде е поставена амбициозна цел: намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80 проценти до 2035 година, со очекување да се искачи и до 82 отсто со меѓународна финансиска поддршка. Ова нè става на кредибилен пат кон климатска неутралност до 2050 година, што ќе претставува и правно обврзувачка цел - истакна претседателката Сиљановска-Давкова.

Додаде дека како држава амбициите ги преточуваме во политики преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, коишто се усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024 - 2044.

- Сепак, не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние кои се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Вооружените конфликти и тешката енергетска криза ја прават и онака тешката транзиција уште попредизвикувачка. Таа мора да биде фер и достапна, со посебно внимание на жените, децата и младите. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел - потенцираше Сиљановска-Давкова.

Порача дека како држава ја поддржуваме Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот од Анталија за зелена индустријализација и Рио Синергиите.

- Сепак, мојата земја не може самата да ја финансира оваа трансформација. Извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата ги идентификува инвестициските потреби од милијарди долари за декарбонизација и адаптација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвеност да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива - истакна Сиљановска-Давкова.

 

МИА

Ново на Сител