Македонија
5. August 2025 - 16:34

Сиљановска Давкова: Спортската неписменост и говорот на омраза се срам за сите

По реакциите во јавноста, и претседателката Силјановска Давкова денеска ги осуди навредливите скандирања од кошаркарскиот натпревар во Куманово што се одржа викендов. Силјановска потсетува дека слични обиди имало и претходно и дека не е научена лекцијата дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, туку на сите, обвинувајки дека спортскиот терен бил искористен неспортски за вежбање на говор на омраза.

„И... заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени.

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили!

По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена“, напиша Силјановска во својата објава на ФБ.

Таа бара санкции за сторителите, но и описменување на навивачките групи.

Со осудата на Силјановска Давкова се закружи кругот на државни функцинери кои регираа на ксенофобичните извикувања на натпреварот Македонија – Романија. Тоа претходно го сторија премиерот Мицкоски и министерите за внатрешни работи Тошковски и  за спорт Борко Ристовски.

Надлежен јавен обвинител веќе отвори постапка за навивачите, а полицијата вчера користејки ги надзорните камери веќе на распит повика неколкумина на службен разговор.

Истрага за ксенофобичното скандирање денеска најавија и од Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА. Од таму велат дека безрезервно и остро го осудуваат говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик во каква било форма.

Осуда по натпреварот стигна и од македонската кошаркарска федерација.

Опозициските СДСМ и ДУИ побараа одговорност од институциите и функцинерите, власта пак, вели дека сторителите ќе бидат санкцинирани за разлика од времето кога тие биле власт.