Македонија
16. October 2023 - 16:35

Силниот ветер го прошири пожарот кај Лозово, гаснат авиони на ДЗС и полициски хеликоптери

Со авиони на ДЗС и полициски хеликоптери се гасне пожарот помеѓу Лозово и Велес. Гори високо  квалитетна борова шума а силниот ветер го прошири огнот во близина на  населени места.  Со сите расположливи сили на општините Велес и Лозово се делува на терен за да се локализира пожарот кој е закана за  селата Милино, Мамутчево и Иванковци. Властите се сомневаат  дека пожарот е подметнат.

Шест пожари се регистрирани и во Општина Куманово каде горела ниска ветеација и стрништа, според ЦУК екипите работат на  локализирање на уште еден пожар кај Шупљи камен .

Авионите  ги направиле максималните прелети за едно деноноќие. Од 52 пожари активни се уште 4. Од рано утрово авионите  биле ангажирани и на пожарот во Кондово, кој од стрниште се проширил во шумскиот предел. Скопската бригада од ноќеска интервенирала на 20 пожари на отворено.

Од почетокот на октомври на територија на Скопје пожарникарите изгасиле 169 пожари на отворено во скопската околина што претставува сериозен проблем за службата. Речиси сите биле проширени од палење на стрништа и расчистување на земјоделски култури.