Македонија
9. February 2021 - 16:56

Симовски и Селами ќе бараат експертска анализа за да утврдат кој греши

Првиот човек на Статистика Симовски тврди дека нема недоразбирања со заменик директорот Селами околу спроведувањето на претстојниот попис и покрај тоа што и двајцата викендот дадоа различни изјави дали лице кое попишува друго лице што се наоѓа во странство ќе може да дава податоци и околу неговата етничка и верска припадност. 

Во телефонски коментар за „Сител“ Симовски вели дека можеби и згрешил кога тврдел дека не може друг да одговара за работи кои се лични определби и чувства, а дилемата вели ќе се расчистела до петок од страна на правници. Првиот човек на статистика тврди дека нема да има проблем со врзаните потписи со Селами кои се неопходни за спроведување на пописот и резултатите од него. 

Од Влада пак, денеска, појаснуваат дека попишување за друго лице кое е подолго време во странство може да направи само полнолетно лице кое ќе приложи соодветен документ со кој ќе може да се преземе неговиот матичен број како гаранција за точноста на дадените податоци.

При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци, пишува во соопштението на Владата без да се одговорат дилемите околу давањето податоци за етничка и верска припадност на друго лице.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ваквите разлики во ставовите се уште еден доказ дека власта не е способна да спроведе вистинска статтистичка операција и дека предвреме го вулгаризирапописот.

За заштита на личните податоци кои ќе бидат користени од попишувачите, потоа при апликацијата за попишување или при обработка на податоците Државниот завод за статистика ќе треба да се усогласува и со Агенцијата за заштита на личните податоци.

Пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април по комбиниран теренски и електронски систем. Иселениците пак, кои сакаат да се самопопишат ќе можат тоа да го направат преку електронска пописница во периодот од 1 до 21 март.