Синдикална кошница: декември поскап од ноември, најмногу пари одат за храна
65.492 денари – толку пари му се потребни на едно четиричлено семејство за да ги покрие најосновните трошоци месецов, пресмета Созјуот на синдикати. Според нивната математика, декември е поскап за над 300 денари споредено со ноември.
И натаму домашниот буџет најмногу се троши на храна и пијалоци – 23.648 денари. Најголем скок, пак, има во делот за облека и обувки, каде е забележано месечно поскапување од над 140 денари.
Но, ако семејството живее под кирија, бројките се менуваат. Тогаш нема да им требаат 65, туку над 80 илјади денари.
-За жал, невидлив е растот на цените, растот на вредноста на производите и зголемената сиромаштија кај граѓаните за креаторите на политиките. Без да преземаат никакви мерки, животот од месец во месец станува се поскап. Веројатно нова година се честита со највисоки цени, а најниски плати во Македонија од нивна страна. Тоа што е евидентно е дека цените на храната, цените на облеката, иако во моментов имате акции и попусти на голем број производи повторно се зголемуваат и мислам дека тоа е веќе застрашувачки, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Трошоците за храна и пијалоци, според пресметките на синдикатите, бележат изразени осцилации во текот на годината. Најмногу пари за оваа ставка биле потребни во август – над 24 илјади денари. Најевтино, пак, било во април – околу 21 илјада. Тогаш во сила беа замрзнатите маржи.
Инаку пресметка за трошоците на четиричлено семејство од 1 јануари ќе прави и Владата. Нема да биде минимална како сидникалната, туку просечна. Според најавите, таа кошница ќе служи како основа за креирање на идните економски политики.
Моделот ќе имаат можност да го разгледаат синдикатите и работодавачите на седница на Економско социјалниот совет закажан за во понеделник. Планот е во иднина да се изработуваат и други кошнички, за двочлено и трочлено семејство, како и за пензионери, бидејќи сите имаат различни потреби.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
