Синдикатот на Клинички против решението на Алиу дел од вработените на клиниките да паркираат надвор од кампусот „Мајка Тереза”
Синдикатот на Клинички против предлог решението на министерот за здравство, 300 здравствени работници да паркираат надвор од кругот на клиниките. Велат дека никој не побарал нивно мислење ниту пак биле контактирани вработените, а од друга страна за синдикалното раководство ова ја игнорира вистинската потреба за конечно, брзо и функционално сообраќајно решение во кампусот “Мајка Тереза“. Според Синдикатот, преместувањето на дел од паркингот на оддалечена локација ќе значи и доцнења и нарушување на работниот процес.
- Ние вчера бевме затекнати од изјавата и вчера имавме многу телефонски јавувања од вработени кои беа револтирани и со право се револтирани, ова е парцијално нецелисходно решение посебно сега во летните месеци кога нема гужви поради одмори. Овој период од сега до почетокот на септември да биде искористен во посоодветно барање на решение на проблемот, вели Д-р Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клинички
Од Синдикатот велат дека се против јавно приватно партнерство и за нив поприфатливо е за сообраќајното решение да биде задолжена установата Заеднички служби.
- Или Градски паркинг или Заеднички служби кои се дел од Клинички и тие треба да го регулираат сообраќајот но се изоставени, тонат во долгови, вработените немаат земено плата, вели д-р Серафимовски.
Министерот Алиу како краткорочна мерка го најави пренасочувањето на вработени од клиниките да паркираат на приватен паркинг за да бидат ослободени 300 места за граѓани. Долгорочна идеја се уште немаат бидејќи тоа ќе зависело од иднината на Клиничкиот центар.
Сообраќајниот хаос на клиниките е проблем кој се влече со години и досега и покрај ветувањата ниеден министер не нашол соодветно решение.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар