Систем за влез/излез од ЕУ: За што сè треба да се подготват патниците

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026 година.
Овој нов дигитален систем претставува една од најзначајните реформи во областа на граничното управување на ЕУ, заменувајќи го досегашното ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
За кого важи системот?
EES се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоа ги опфаќа:
• патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ,
• патниците кои поседуваат виза за краток престој.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и на Шенген зоната не подлежат на новиот систем.
Земји каде ќе се применува EES
Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Кои се целите на воведувањето?
Со EES, Европската Унија има за цел:
• да ја зголеми безбедноста на граѓаните, преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами,
• да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција,
• да го олесни патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки,
• да обезбеди прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот, елиминирајќи можни недоразбирања кои порано настануваа со рачните печати.
Како ќе функционира системот?
При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации.
При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка.
Период на транзиција
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Заштита на личните податоци
Сите податоци ќе се обработуваат и чуваат согласно строгите стандарди на Европската Унија и Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR). Со тоа се гарантира целосна заштита на приватноста и транспарентна употреба на собраните информации.
Апел до граѓаните
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани на Република Северна Македонија кои планираат патувања во земјите на Шенген зоната да се информираат за новите правила и постапки, со цел нивните патувања да бидат навремени, безбедни и без непотребни доцнења.
Ново на Сител
-

Локалитетот Манчевци - музеј на отворено
-

Македонската народна музика и песна два дена ќе ечи во Прилеп и Долнени - започна „Пеце Атанасовски“
-

Преглед на вестите од светот
-

Tема на денот со Гордана Сиљановска Давкова, претседателка
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
-

Преглед на вестите од светот
-

Без поместување на позициите заврши првата официјална средба Муцунски - Петрова Чамова
