Без поместување на позициите заврши првата официјална средба Муцунски - Петрова Чамова
Без поместување на позициите заврши првата официјална средба помеѓу Муцунски и Петрова Чамова.
Бугарија не отстапува од барањето за уставни измени, Македонија бара гаранции и почитување на идентитетот.
- Министерката Петрова го потврди доследниот став на Бугарија дека целосното спроведување на обврските преземени кон ЕУ во рамките на Европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција за одржлив напредок на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ. Министерката Петрова, исто така, изјави дека за Бугарија, приоритет ќе продолжи да биде целосното гарантирање на правата на македонските Бугари, стои во соопштението на бугарското министерство.
Од МНР пак велат дека министерот Муцунски ја нагласи потребата од изнаоѓање решение на билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање преговори со Европската Унија, потврдувајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори. Министерот Муцунски го отвори и прашањето за почитување на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
И двете страни потврдуваат дека на средбата отворено билo прашањето за инфраструктурно поврзување помеѓу двете држави, со фокус на Коридорот 8 и граничниот премин Клепало.
Двајцата министри се сретнаа на маргините на НАТО состанокот во Шведска, клучен состанок во период на длабоки поделби околу војната во Иран и притисокот од Вашингтон за поголема финансиска независност на Европа. По состанокот, генералниот секретар Руте ја потврди посветеноста за посилна Алијанса.
Главната цел на дводневната конференција е да се постават темелите за претстојниот Самит на лидерите на НАТО во Анкара, со посебен фокус на зголемување на капацитетите на воената индустрија и синџирите на снабдување со муниција.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
