Свет
7. August 2026 - 18:49

Системот ЕЕС прави метеж и доцнења на летовите: Аеродромите принудени повремено да ги исклучуваат контролите

Големите европски аеродроми повремено го деактивираат европскиот Систем за влез и излез (EES) кога поради големиот број патници доцнењата на летовите стануваат предолги – објави италијанскиот економски весник „Ил Соле 24 Оре“.

Според податоците на бројни аеродроми и авиокомпании, системот ЕЕС го забавува протокот на патници и предизвикува долги редици, особено во летните месеци кога обемот на патувања е најголем, поради што повремено се исклучува.

Таквата можност е предвидена со прописите на Европската Унија. Европската комисија одобри суспензија на земањето биометриски податоци до 6 септември во случај на вонредни околности.

Сепак, девет земји – Италија, Франција, Германија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија – веќе бараат оваа можност за повремена суспензија да биде продолжена и по тој рок.

Во писмо до европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, тие ја потврдуваат посветеноста на целосната примена на системот, но истовремено нагласуваат дека досегашното искуство покажало оти во исклучителни околности можат да се појават значителни тешкотии и дека ризиците не смеат да се потценуваат.

Во Италија, во средината на април, повеќе од 120 патници останале заглавени на аеродромот Линате поради доцнења предизвикани од системот ЕЕС, пишува весникот.

Системот предизвикал долги редици и нарушувања во сообраќајот, летовите доцнеле, а патниците биле принудени да го откажат патувањето за Манчестер. Од планираните 156 патници, само 34 успеале да се качат во авионот.

Системот ЕЕС, осмислен по терористичките напади во 2015 година, постепено се воведуваше од октомври 2025 година во 29 европски држави, а целосно е оперативен од 10 април годинава.

Станува збор за автоматизиран информатички систем кој ги евидентира државјаните на трети земји што патуваат краткорочно – до 90 дена во кој било период од 180 дена – секојпат кога ги преминуваат надворешните граници на државите што го применуваат системот.

Под државјанин на трета земја се подразбира лице кое нема државјанство на земја членка на Европската Унија, Обединетото Кралство, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија.

Целта на ЕЕС е да ја поедностави граничната контрола преку постепено укинување на печатите во пасошите, да ги забрза процедурите за прекугранично патување со побрзи проверки, да овозможи однапред доставување лични податоци и да придонесе за спречување на илегалната миграција и зајакнување на безбедноста во Шенген-зоната.

Европската комисија тврди дека по завршувањето на почетната фаза на прилагодување системот ќе помогне за намалување на времето потребно за влез, иако претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на јули изјави дека сè уште постојат технички проблеми.

Според проценките на Брисел, кога системот ќе биде целосно оптимизиран, постапката ќе трае меѓу 10 и 15 минути.

Минатиот месец европскиот комесар Магнус Брунер ја бранеше ефикасноста на системот, наведувајќи дека од почетокот на неговата примена се евидентирани речиси 110 милиони влезови и излези, дека благодарение на него биле откриени и вратени 45.000 лица со лажни или фалсификувани документи.

Тој додаде дека на 1.100 лица им бил одбиен влез затоа што претставувале закана за безбедноста на Европската Унија, меѓу другото и поради поврзаност со тероризам.

 

МИА