Скандал во Бугарија: Жени тајно снимани во салони за убавина, снимките завршиле на порно-сајтови

Бугарското обвинителство започна истражна постапка откако беше откриено дека стотици жени биле нелегално снимани за време на интимни козметички третмани во салони за убавина, а видеоснимките подоцна биле објавувани на порнографски интернет-страници. Снимањето се вршело со скриени камери, во моменти кога жените често биле целосно разголени.
Дел од спорните снимки потекнуваат од 2023 година и во меѓувреме се прошириле на бројни порнографски платформи и Телеграм-канали.
Според обвинителката Марија Маркова, до полицијата во Бургас биле поднесени повеќе од 100 пријави. Аферата опфати најмалку два салона за убавина во Бургас и еден во Казанлак, а истраги се спроведуваат и во други градови низ Бугарија. Обвинителството потврди дека меѓу оштетените има и малолетнички на возраст од 15 до 17 години.
Една од жртвите за телевизијата „Нова“ изјави дека на почетокот препознала пријатели и роднини, бидејќи со години го посетувале истиот салон, а потоа почнала да се плаши дека и самата може да се појави на снимките. Таа го опиша искуството како понижувачко и вознемирувачко, истакнувајќи дека најголем страв ѝ е можноста некој друг да ја препознае.
Домашните медиуми пренесуваат дека меѓу жртвите има и јавни личности, меѓу кои судијка, обвинителка, новинарка, како и ќерки на регионален функционер. Дел од жените тврдат дека камерите биле поставени многу блиску и директно насочени кон нивните интимни делови, а некои наведуваат дека процедурите биле пренесувани во живо, при што гледачите плаќале пристап со криптовалути.
Полицијата ги сослушала сопствениците на салоните, како и сегашни и поранешни вработени, но засега нема приведени лица. Сопствениците ја отфрлаат одговорноста, а дел од нив тврдат дека безбедносните камери биле злоупотребени преку хакерски напад.
Ново на Сител
-

Цените на нафтата растат откако Иран постави услови за повторно отворање на Ормуската Теснина
-

Младенов: Отфрлениот од Нетанјаху план за Газа е „единствениот пат по кој треба да се оди“
-

Тебас: За мене, времето на Инфантино е одамна поминато
-

Нискиот водостој се заканува да ја прекине пловидбата по Рајна и да ја подели реката на два дела
-

Американски Ф-16 пресретнаа два авиона над голф-клубот на Трамп во Њу Џерси
-

Коперник: Западна Европа забележа рекордни температури во јуни и јули
-

Под контрола пожарот кај Крива Паланка, останатите се изгаснати
-

Армијата и Министерството за одбрана ќе им оддадат почит на загинатите бранители кај Љуботенски бачила
