Спорт плус
3. November 2026 - 9:37

Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство во кикбокс: Над 1.000 натпреварувачи од 41 држава, Македонија ќе атакува на четири медали

Скопје од 6 до 15 ноември ќе биде домаќин на ВАКО Европското првенство во кикбокс за сениори, ветерани и параспортисти, кое ќе се одржи во Спортскиот центар „Јане Сандански“. На големиот спортски настан се пријавени 1.025 натпреварувачи од 41 европска држава, со вкупно 1.191 натпреварувачки настап.

Организатор на првенството е Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ), која најавува дека Скопје во наредните десет дена ќе биде центар на европскиот кикбокс.

Македонската репрезентација ќе настапи со 33 натпреварувачи во различни дисциплини и категории, а амбициите се освојување најмалку четири медали.

Претседателот на федерацијата и селектор на репрезентацијата, Дејан Митровски – Урко, истакнува дека македонските кикбоксери се во завршната фаза од подготовките и со голема мотивација го очекуваат настапот пред домашната публика.

„Нашата спортска цел е освојување најмалку четири медали, а веруваме дека со посветеноста, квалитетот и мотивираноста на нашиот тим можеме да го оствариме тоа. За нас ова не е само спортско натпреварување, туку и можност да покажеме дека Македонија има капацитет успешно да организира настани од највисоко европско ниво“, истакна Митровски.

Свеченото отворање на Европското првенство е закажано за недела, 8 ноември, во 17 часот, додека натпреварувачкиот дел ќе се одвива од 9 до 14 ноември.

Покрај спортските натпревари, во рамките на првенството ќе се одржат Генералното собрание на ВАКО Европа и Балканското изборно собрание, како и стручни семинари за судии и тренери, антидопинг и безбедност на учесниците.

Од федерацијата посочуваат дека организацијата на ваков голем меѓународен настан претставува значајно признание за македонскиот кикбокс, но и можност за промоција на државата на европската спортска сцена.