Македонија
22. October 2026 - 12:29

Скопје ќе се украси до 15 декември – елка од 13 метри и новогодишни декорации за околу 73.000 евра

Скопје годинава треба да добие новогодишно украсување најдоцна до 15 декември, со елка висока 13 метри, светлосен елен, санка со подароци и повеќе празнични декорации. Град Скопје распиша јавен повик за избор на фирма која ќе го реализира украсувањето, со проценета вредност од околу 4,5 милиони денари со ДДВ, односно приближно 73.000 евра.

Според објавените информации, централно место во празничната декорација ќе има новогодишна елка висока 13 метри, која ќе биде поставена на градскиот плоштад и ќе изгледа како природна елка.

Предвидено е поставување и на светлосен елен висок околу четири метри, огромен светлосен подарок висок повеќе од шест метри, два декоративни портали и тридимензионална санка со подароци, во која граѓаните ќе можат да влезат и да се фотографираат.

Празничното украсување ќе опфати и два декоративни балони високи по 3,5 метри, фигура на Дедо Мраз, околу сто светлосни букети, новогодишен венец за фотографирање, како и дополнителни светилки на канделабрите и светлосни мразулци.

Заинтересираните компании можат да доставуваат понуди до 5 ноември, кога е предвидено нивното отворање. Избраната фирма ќе има обврска да го заврши украсувањето најдоцна до 15 декември, додека отстранувањето на декорациите е предвидено од 15 до 25 јануари 2027 година.

Засега не е познато кои сè локации ќе бидат опфатени со украсувањето, бидејќи тие дополнително ќе бидат утврдени со работен налог.

Минатата година новогодишното украсување го реализираше фирмата „Линк медиа плус“, со договор вреден околу 4,27 милиони денари со ДДВ, односно приближно 70.000 евра.

Годинашната проценета вредност е нешто повисока, а конечната цена ќе биде позната по завршувањето на постапката за избор на фирма.