Скратени часови во „Здравко Цветковски“ поради проблем со парното
Средното училиште Здравко Цветковски остана без парно греење. Дефект на системот за топлинска енергија ги скрати часовите на учениците. Од почетокот на второто полугодие посетуваат настава во студени училници. Родители кои го пријавија проблемот за Сител велат дека во училниците е студено, а некој од нив тврдат дека проблеми со загревањето имало уште од старт на грејната сезона.
Училиштето при нашата посета беше празно. Учениците кои одат во две смени поминуваат само по неколку часа. Директорката потврди дека наставата е скратена но тврди дека проблемот настанал денеска и веќе бил решен. Во краток телефонски разговор рече дека во текот на денот во училниците се грееле со клими.
Информација за проблемот побаравме и од Град Скопје под чии ингеренции се средните училишта во главниот град.
- Денешниот зафат е поради попуштен дихтон на изменувачот за топлинска енергија. Системот во моментов е саниран и е во фаза на тестирање. На дефектот работи фирмата Макотерм во соработка со ЕСМ. Училиштето во сите училни има клима уреди кои се користат, велат од Град Скопје.
По тринеделниот распуст, второто полугодие почна со доза на загриженост кај родителите поради сезонскиот грип. Токму од овие причини реагираа и родителите на средношколците од училиштето Здравко Цветковски.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
