Македонија
24. March 2026 - 10:57

Славески: И покрај комплекноста на околината, централните банки остануваат цврсто посветени на ценовната стабилност

Централните банки во изминатите пет години успешно се справија со исклучително тешки ситуации. Сега сме во завршната фаза на намалување на инфлацијата и создадовме мошне значаен простор во политиките за справување со идни шокови. Сепак, бидејќи мирни води сè уште не се на повидок, мора да останеме внимателни на повеќе фронтови - порача денеска гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на отворањето на конференцијата на високо ниво на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“, што се одржува во Скопје во организација на Народната банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF - The European Money and Finance Forum). 

Славески истакна дека темата на годинашниот настан е мошне актуелна, односно во момент кога фокусот бил ставен на враќање на ценовната стабилност и нормализирање на политиките, се појавиле нови предизвици - зајакнатите трговски и геополитички тензии по неодамнешната ескалација на конфликтот со Иран и нарушувањата во Ормуската Теснина. 

- Пред сè, мора да продолжиме да ја уверуваме јавноста дека и покрај комплексноста на околината, централните банки остануваат цврсто посветени на ценовната стабилност. Ова не е само формална заложба на хартија, тоа е темел на одржливиот раст, финансиската стабилност и поширока општествена кохезија. Во ера на испреплетени кризи, нејзиното зачувување е и потешко и поважно од кога било - нагласи гувернерот. 

Тој истакна дека стабилноста може да се обезбеди само преку силни, независни и одговорни институции, политиките мора да се водат од економските фундаменти, а не од краткорочни политички притисоци, а една независна и одговорна централна банка го штити тешко стекнатиот кредибилитет и ги одржува инфлациските очекувања цврсто закотвени.

- Неодамнешните емпириски анализи на ММФ го потврдуваат ова: во земјите во кои централните банки се соочуваат со политичко мешање реалните каматни стапки се намалуваат за 1,6-процентни поени, девизните курсеви депрецираат за 3,1 проценти, а инфлацијата и инфлациските очекувања се зголемуваат за 1,7-процентни поени - во споредба со слични економии без такво мешање. Едноставно кажано, резултатите се полоши кога независноста е нарушена - нагласи Славески.

Гувернерот на Народната банка нагласи дека монетарната политика не функционира во вакуум, а неодамнешните кризи покажале колку е важна ефективната координација со фискалната политика. Од 2021 година, нагласи тој, фискалната политика во регионот генерално ја поддржуваше антиинфлаторната насока на монетарната политика. Земјите од Западен Балкан спровеле брза постпандемиска фискална консолидација, со просечни буџетски дефицити од 2,2 отсто во последните пет години, а јавниот долг сега е под нивото пред пандемијата.

- Со повторно зголемување на ризиците, клучна е конзистентна и усогласена комбинација на политики за зачувување на ценовната стабилност, стабилизирање на очекувањата и заштита на економијата. Фискалната поддршка е особено значајна, таа испраќа силен сигнал за нашата заедничка посветеност кон макроекономска отпорност во услови на тековни и идни шокови - посочи Славески.

Тој додаде дека во исто време, додека се соочуваме со постојани надворешни ризици, финансискиот систем поминува низ брзи структурни промени. Плаќањата во реално време, приватните дигитални средства, дигиталните валути на централните банки, вештачката интелигенција и анализата на големи податоци ја трансформираат финансиската интермедијација, процената на ризик и макроекономското прогнозирање, односно суштински го менуваат пејзажот на централното банкарство.

- Овие дигитални иновации може да ја зајакнат трансмисијата на монетарната политика, супервизијата, платните системи и финансиската инклузија. Вештачката интелигенција особено има голем потенцијал за подобра процена на ризик, системи за рано предупредување, креирање политики и зголемување на продуктивноста. Но, тие носат и нови ранливости: киберризици, оперативни нарушувања, прашања за приватност на податоците и нерегулирани производи, кои може да ја загрозат стабилноста доколку не се адресираат - порача Славески.

Гувернерот додаде дека индексот за подготвеност за вештачка интелигенција на ММФ нуди корисна референтна точка. Тој покажува дека земјите од Западен Балкан се над глобалниот просек во дигиталната и во ВИ-подготвеноста, но под европскиот просек. Ова, според него, е важно бидејќи вештачката интелигенција може да има значајни макроекономски импликации во иднина.

Славески нагласи дека и како што истакнуваат од Банката за меѓународни порамнувања, клучниот предизвик во оваа ера на брзи промени е зачувување на довербата и интегритетот на монетарниот систем и додаде дека стабилноста мора да остане водечки принцип, треба да се прифатат иновациите, но никогаш на сметка на довербата или без цврста регулаторна рамка.

- Живееме во време на силни, спротивставени сили. Од една страна, технолошкиот напредок и дигитализацијата создаваат силен позитивен импулс. Од друга страна, геополитичките тензии, протекционизмот и стратешкото ривалство поттикнуваат фрагментација и конфликти, што особено ги погодуваат малите, отворени економии. Резултатот се нарушени трговски текови, нестабилни цени на суровините и променливи текови на капитал, што претставува закана за економската стабилност - истакна Салавески.

За да изградиме вистинска отпорност, додаде гувернерот, мора да им дадеме приоритет на кредибилната монетарна политика, силните и добро капитализирани банки, ефективните макропрудентни рамки и внимателните фискални позиции. Исто така, посочи, треба да се инвестираме во технолошка подготвеност.

- Централните банки докажаа дека може да дејствуваат решително, да ја намалат инфлацијата, да ја зачуваат финансиската стабилност и да ја одржат довербата на јавноста, дури и во најтешки услови. Но неизвесноста повторно се врати и не смееме да си дозволиме самозадоволство. Како што вели старата поморска изрека: „Брод без сидро е препуштен на милост и немилост на морето“. Во овие турбулентни глобални промени нашата цврста посветеност на стабилноста останува нашето сидро - нагласи Славески.

Гувернерот додаде дека во нововастанатите геоолитички шокови мора цврсто да се придржуваат до тешко научените лекции од минатите кризи.

- Прво, не треба премногу лесно да ги игнорираме шоковите од страната на понудата, особено кога тие се покажуваат како долготрајни. Второ, мора да продолжиме да градиме силни заштитни механизми за справување со идни нарушувања. Предизвиците дополнително се усложнуваат од фактот што геополитичките турбуленции се одвиваат паралелно со сеопфатна технолошка трансформација: брзата дигитализација на финансискиот сектор и пробивите во вештачката интелигенција. Иако овие развои носат огромен потенцијал за зголемување на економскиот капацитет, мора внимателно да ги следиме и можните несакани последици - порача Славески

Во рамките на настанот ќе се одржат три панел-дискусии, на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.

 

МИА