Случај Епстин: Замрзнати мозоци од Македонија транспортирани во Америка

Во дел од објавените електронски пораки и документација што се појавија во рамки на случајот поврзан со починатиот американски милионер Џефри Епстин, се изнесуваат тврдења дека мозочни примероци од починати лица од Македонија биле замрзнaти и транспортирани во Соединетите Американски Држави за потребите на научни истражувања.
Станува збор за истражувачки текст објавен во „Блумберг Бизнисвик“, изработен од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет, кој не се однесува директно на кривичните постапки поврзани со сексуалниот скандал на Епстин. Текстот носи наслов „Лек стар 50 години што би можел да ја надмине американската криза со самоубиствата“ и се фокусира на научни анализи на самоубиствата и примената на кетамин во третманите.
Во написот се наведува дека научници поврзани со Универзитетот Колумбија со децении формирале банка со приближно 1.000 човечки мозоци, користени исклучиво за истражувачки цели. Колекцијата опфаќала примероци од лица кои извршиле самоубиство, но и контролни материјали, при што Македонија е спомната како една од земјите од кои потекнувал дел од биолошкиот материјал.

Според достапните податоци, примероците биле земани по смртта, веднаш криопрезервирани и испраќани во САД, каде што биле соодветно означени, складирани и архивирани во специјализирани услови. Дел од електронската кореспонденција содржи и детали за логистиката на замрзнувањето и меѓународниот транспорт.
Во еден од цитираните мејлови се наведува дека целиот процес бил координиран со помош на универзитетски професор на Универзитетот Колумбија, кој потекнувал од Македонија и имал клучна улога во организацијата на постапката. Во пораката се опишуваат и техничките аспекти на пакувањето, транспортот и архивирањето на примероците за научна употреба.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија информации дека Џефри Епстин, преку својата фондација, наводно обезбедувал финансиска поддршка за истражувања поврзани со овие мозочни примероци.
Американското Министерство за правда на 30 јануари 2026 година објави обемна документација поврзана со случајот Епстин, со што неговото име повторно се најде во фокусот на јавноста. Новите објави отвораат низа прашања за размерите на неговото влијание и можните врски со научни и истражувачки проекти.
Ново на Сител
-

Аудито на Мерко од 67.000 евра оди на надавање, почетна цена 10.000 евра
-

Во јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, приведени 74 лица за безобѕирно управување на возило
-

Одбраната на обвинетите службеници за „Пулс“ тврди дека Обвинителството е контрадикторно и бара преиспитување на обвинението
-

Мицкоски: Украденото мора да му се врати на народот
-

Зголемен водостојот на Дојранското и Охридското Езеро
-

Најголемата ноќ во музиката, Греми 2026
-

Приведен 22 годишен битолчанец, управувал возило со 139 километри на час на место каде брзината е ограничена 60
-

Белингам надвор од терените околу еден месец
