Со 21 милион евра заем од ЕБОР државата ќе купува пет електрични локомотиви
Со 21 милион евра заем од ЕБОР државата ќе купува пет електрични локомотиви. Потпис на договорот беше ставен денеска. Целта е поголем транспорт на стоки, а со тоа и повеќе пари за Железници транспорт.
- Просечната старост на дизел локомотивите е над 60 години, а на електричните над 40 години. Тоа не е одржливо, ниту економски, ниту безбедносно, ниту еколошки. Затоа целта на оваа набавка е јасна и недвосмислена, да се зголеми бројот на расположливи локомотиви, да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки, и со тоа да се зголемат приходите и финансиската стабилност на МЖ Транспорт. Железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, а не тесно грло на економијата – кажа премиерот Мицкоски.
Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, целосно ќе може да се покрие карго превозот, а дел од нив може да се користат и во патничкиот сообраќај.
- Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви – истакна вицепремиерот и министерт за транспорт, Николоски.
Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматата е варијабилна, а парите ќе се враќаат на 22 полугодишни рати. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1% на ЕБОР.
- Условите под кои се обезбедени средствата - долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка, се во целосна согласност со стратегијата за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии – рече министерката за финансии, Кочоска.
- Овие подобрувања претставуваат многу повеќе од технички надградби. Тие се стратешки инвестиции дизајнирани да ги подобрат ефикасноста, квалитетот и безбедноста на товарните железнички операции и ќе придонесат за намалување на емисиите на CO₂ и ќе играат клучна улога во поддршката на тековната зелена транзиција на земјата – вели шефот на Канцеларијата на ЕБОР, Фатих Туркменоглу.
Пред потпишувањето на договорот, неделава Собранието даде зелено светло на предлог законот за заемот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
