Македонија
5. јуни 2026 - 16:32

Со 40 нови камиони и 2.600 контејнери ќе се решава проблемот со ѓубрето во Скопје

Скопје до септември треба целосно да го надмине проблемот со искршените и преполни контејнери. Со помош од Светска банка се купуваат 49 возила за подобрување на хигиената во општините. Најголемиот дел од оваа механизација ќе заврши токму во главниот град.

„Се купуваат 17 мултифункционални возила за урбано одржување на хигиена во вкупна вредност од 1,6 милиони евра, две мултифункционални возила за урбано одржување на хигиена со соодветни механизми со вредност од 380.000 евра, 9 специјализирани камиони коишто се во вредност од 982.000 евра, 21 машина за чистење на улици во вредност од 1,3 милиони евра“, рече министерот за транспорт, Николоски. 

Градоначалникот Ѓорѓиевски очекува Скопје да добие околу 40 возила, а дополнително ќе се набават уште четири. Сега се користат меѓу 50 и 60 камиони, но проблем е што се стари и често се расипуваат. 

Ќе има и две мобилни претоварни станици. Едната ќе биде поставена во Ѓорче Петров и ќе ги покрива и Карпош и Сарај, додека втората ќе биде лоцирана во Гази Баба. Целта е камионите да не губат време патувајќи до депонијата „Дрисла“, туку отпадот да го оставаат во претоварните пунктови и веднаш да продолжуваат со работа на терен.

Паралелно, за еден месец треба да пристигнат и 2.600 нови контејнери.

„Бројка којашто не е набавена последниве десетина години во толкав број. Биле набавувани контејнери, но ако кумулативно собереме изминативе 10 години, немаме толкава бројка, што исто така беше еден од сериозните проблеми во Комунална хигиена, земајќи во предвид дека на многу од микролокациите во главниот град знаете дека недостасуваат контејнери и со години се непроменети контејнерите“, кажа Ѓорѓиевски. 

Граѓаните со поделени мислења за тоа дали состојбата со хигиената навистина се подобрува.

„Се гледа дека има напредок, меѓутоа не е тоа што треба да биде. Се надевав дека за извесно време хигиената ќе биде на многу задоволително ниво. Се трудат.“

„Тие велат дека нема камиони, дека нема, дека ќе дојдат... Дај Боже да е сè така, меѓутоа една форса кога ќе се удри, тогаш градот скоро го очистија. Добро, тоа беше голема акција негова. Сè беше во ред. Меѓутоа, сега... не знам. Да ти е едноставно гад да излезеш во град, да се прошетaш. Е вака што мораш да појдеш...“

„Па поготово сега летно време, ѓубрето да стои, тоа труе, смрди, тоа е...“

„Кај нас ѓубрето се собира редовно, нема проблем со тоа, али не сме задоволни со што не се мете. Макар еднаш месечно пред зградата мислам да се собира ѓубрето. Не чистат! Знаеш како чистат? Со метлата во тревата го фрлаат ѓубрето. Така чистат и со тоа дувалката оди во тревата.“

„Како да ви речам, кај што живеам јас – средно. И е малку подобрo.“

Скопје во изминатите години постојано имаше проблем со редовното собирање на сметот. Во периодот меѓу двата изборна круга за локалните избори лани, цели тротоари беа затрупани со ѓубре.

Овој колапс го седна поранешниот директор Рустеми на обвинителна клупа и се соочува со затворска казна до 10 години за загрозување на животната средина со отпад.