Со едно скенирање до проверка на лиценца: Државата воведува нов дигитален систем
Министерството за дигитална трансформација воведува „смарт лиценци“ – нов систем кој треба целосно да ја замени хартијата и да им стави крај на административните лавиринти.
Како што појасни министерот Андоновски, наместо класичните дозволи кои тешко се проверуваат и бараат постојано фотокопирање, се воведува еден официјален електронски запис поврзан со QR код.
Процесот ќе биде едноставен: фирмите ќе поднесуваат барање преку Националниот портал за услуги, а откако ќе биде одобрено, документот се појавува во јавен дигитален регистар. Со скенирање на кодот, ќе може да се провери дали лиценцата на фирмата е важечка, истечена или одземена. Сите лични податоци ќе останат заштитени.
„QR кодот не води само до некаква копија, туку овозможува официјална проверка на статусот во регистарот. Граѓаните, компаниите или инспекторите нема да гледаат застарени документи или испратени PDF фајлови, туку ја проверуваат актуелната состојба во моментот. Ова создава поголема доверба“, нагласи Андоновски.
Со ова, граѓаните преку телефон ќе може да проверат дали некој објект работи легално и безбедно. Фирмите повеќе нема да чекаат по шалтери со денови, а инспекторите ќе имаат увид во реално време, што гарантира поефикасна контрола.
„Нашата цел е државата да престане да бара од граѓаните и компаниите да бидат курири на документи. Државата мора да обезбеди податоците да бидат точни, достапни, проверливи и безбедни“, рече министерот.
Новиот модел веќе се применува во Министерството за дигитална трансформација, а во напредна фаза е подготовката со Министерството за економија. Се очекува до крајот на јуни вакви „смарт лиценци“ да добијат ноќните клубови, дискотеките, баровите, кабареата и хотелите.
Планот за во иднина е овој систем да се преслика во сите области – од транспорт и осигурување, до градежни дозволи.
Олеснување, но овојпат за паричниците, се подготвува и за сите оние кои патуваат надвор од земјава. Андоновски вели дека најголемиот дел од домашните подготовки за укинување на роамингот со Европската Унија се завршени, а следниот чекор се разговорите со Европската комисија кои започнуваат на 12 јуни.
Очекувањата се дека целиот процес ќе биде заокружен до почетокот на 2027 година.
„Важно е да се напомене дека по истите цени коишто граѓаните ги плаќаат пакетите за користење на мобилни услуги — повици, СМС пораки, интернет во државата — по исти цени ќе можат да ги користат и погодностите на истите овие мобилни услуги при патување во Европската Унија“, кажа Андоновски.
Ова прашање беше меѓу клучните теми и на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват. Иако таму не се прецизираше конкретен датум за воведување на системот „Роаминг како дома“, Унијата ја потврди целосната поддршка за почеток на разговорите со земјите од регионот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
