Со едукација, а не со отпуштања државата ќе ги мотивира неработниците во јавниот сектор
Отпуштање на неработниците кои ја цедат државната каса не е во игра за оптимизација на јавниот сектор. Министерот за администрација е убеден дека државата преку доедукација ќе успее во процесите да ги вклучи сите, дури и оние кои седат дома и земаат државна плата. До крајот на месецот Минчев најави дека во Скопје ќе биде отворен Центар за едукација на вработените во јавниот сектор, а таков веќе постои во Битола.
- Не можеме да направиме радикални чекори. Затоа е таа Академија во којашто во одреден период ќе се обидеме овие вработени да ги вклучиме во процесот на работа, во јавните институции. Но, исто така, ја зголемуваме динамиката на дисциплинска одговорност. Видете, не е сеедно после една година, да имате одредена оценка па и да имате намалување на плата во втората година. Досега тоа не беше така, вели Минчев.
Дисциплинската одговорност ќе доаѓа по оценување на вработените. Со новиот Закон за административни службеници, кој се очекува во Собранието да биде изгласан утре, се предвидува службениците кои ќе добијат оценки 1 и 2 да бидат пратени на обука, и да не можат да добијат унапредување. Службениците кои две години по ред ќе добијат единица, ќе имаат и намалена плата од 20% во период од шест години.
„Зошто некој што не доаѓал на работа ќе му сменат нешто тие 20%? Секако не доаѓа на работа, а пари зима?“
-Нормално дека ќе се зголеми можноста да доаѓа на работа. Видете, прво ги зголемуваме критериумите за вработување, што значи дека нема да може секој да се вработува. А секако согласно законските одредби сите ќе мора да доаѓаат на работа, вели Минчев.
Според информациите кои Минчев претходно ги обзнани, околу 40% од вработените во јавниот сектор не работат ништо. Со оглед на тоа што во јавниот сектор вработени се околу 130.000 луѓе, тоа значи дека околу 52.000 се во групата неработници.
Министерството за администрација денеска презентираше модернизиран Информациски систем за управување со човечки ресурси. Во системот интегрирани се функции за централна пресметка на плата, дигитално управување со човечки ресурси, мобилност и кариерен развој во реално време, како и поврзување со УЈП, Агенцијата за вработување и Централниот регистар.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар