Со изведување докази продолжува судењето за „Државна лотарија“

Со изведување на материјалните докази од страна на Јавното обвинителство денеска во Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
На минатото рочиште, Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничкото друштво со странски партнер, владини одлуки, како и финансиски трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ).
Во судницата беа изведени и Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело и мислење изготвено од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали, како и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа со анализа на пазарот. Обвинителството се осврна и на доказите што произлегуваат од 158-та владина седница одржана на 6 јуни 2023 година – предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци и одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на лотаријата, како и мислењето од Министерството за финансии.
Како материјални докази беа приложени и девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и десетици формулари за реализација на фактури, сметки и испратници за набавените апарати.
Покрај поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на лотаријата Перпарим Бајрами, кои беа во бегство, но се вратија и се предадоа на властите во земјава, во овој судски предмет обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Тие се товарат дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
Сите обвинети во претходниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Барам разрешување за скандалот во Македониумот
-

Нов обид за деблокада на измените во Изборниот законик
-

СДСМ: Мицкоски ја распродава Македонија
-

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ шири паника
-

Регионален антикорупциски форум во Скопје
-

Генерално чистење на Скопје
-

Објавен годишниот конкурс за финансирање проекти од културата
-

Преглед на вестите од светот
