Насилство врз жените: Сериозни системски бариери до заштита и правда
За жените жртви на насилство, патот до институционална заштита и правда е полн со бариери. Начинот на кој институциите постапуваат не е секогаш усогласен и предвидлив, а поддршката често зависи од конкретната институција и професионалците во неа.
Терминот „ништо“ е најчестиот опис за преземените активности од страна на државните институции – кога жена е жртва на насилство. Ова го покажуваат клучните резултати од петгодишниот проек „Заштита и превенција од родово базирано насилство во Македонија поддржан од Владата на ОК.
„Дали ќе ја научиме лекцијата како општество, дали сериозно ќе почнеме да чекориме кон патот на Нема толеранција за насилство врз жени, нема сама си го барала, нема сама си го избрала, туку навистина како општество да не дозволиме понатаму ниту едно насилство да остане минимизирано, да се привилигираат насилниците, а жените жртви на насилство да влегуваат подлабоко во проблемите“, изјави проф. д-р Стојанка Мирчева, Факултет за безбедност и авторка на „Каква ти е среќата“.
Бројот на случаи на семејното насилство од 2021 година до 2025 година бележи сериозен раст, покажува истражувачкиот извештај „Каква ти е среќата“.
Само за пет години во полицискиот билтен се регистрирани над 30.292 поплаки, прекршоци и кривични дела за семејно насилство.
„Легислативата сама по себе не може да му стави крај на насилството. Заштитата зависи од тоа што се случува кога жената бара помош, дали институциите се координираат, дали професионалците знаат што да прават, кога сторителите на насилство се обвинета, а жртвите го зачувуваат достоинството и почитта“, изјави Н.Е. Даниел Фајлер, заменик-амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија.
Во категорија насилство припаѓа и говорот на омраза кон жените, кој особено е застапен во онлајн просторот. Токму ова е и една од главните причини поради ниската застапенот на жените во политиката.
Денешниот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека иако жените се мнозинство меѓу вработените во јавниот сектор, не се на позициите, ниту во просториите каде се носат одлуките.
Иако со 39,2% учество во 2024 година државата има релативно висока застапеност на жените во Собранието, во Владата тие учествуваат со само 15%. Од 58 лица именувани на лидерски позиции од страна на Собранието, само 16 се жени.
Ревизорите во извештајот наведуваат дека создавањето сигурна средина за учество на жените во јавниот, политичкиот и професионалниот живот е предуслов за демократско управување и квалитетни јавни политики.
Испратени се и препораки кон утврдување конкретни и мерливи мерки во Стратегијата за родова еднаквост.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
