Македонија
13. November 2026 - 16:33

Мицкоски: Имаме најстабилна Влада во овој дел на Европа

Имаме најстабилна Владата во регионот, тврди премиерот по најавите на ЗНАМ за можно напуштање на владината коалиција, доколку не се договорат околу полагањето на правосудниот испит. 

„Владата се бира со мнозинство во парламентот, ние имаме мнозинство кое во моментов е многу повеќе од 61 пратеник. Така што Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа и продолжуваме да испорачуваме она што е важно како овој објект и други“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Мицкоски најави и лидерска средба со коалициските партнери во декември. Вчера раководството на ВМРО-ДПМНЕ имало средба и со ВРЕДИ, на која се разговарало за принципите на коалициското функционирање, идните предизвици во енергетиката, како и за кадровските решенија, за кои разговорите ќе продолжат во наредниот период. 

„Разговаравме за коалициска лидерска средба, и рековме дека во рамките на декември месец ќе организираме таква коалициска лидерска средба“, дополни Мицкоски. 

Правосудниот испит нема во целост да се полага на албански јазик. Во владиниот предлог испратен до Венецијалнската комисија како предлог- решение е наведено теоретскиот дел од испитот освен на македонски, да има можност да се полага и на албански, турски или англиски јазик, додека практичниот да остане исклучиво на македонски. По мислењето на Венецијанската комисија, предлогот ќе продолжи во законодавна постапка. 

Прашањето се актуелизираше со барањата на студентите Албанци, кои бараат можност правосудниот испит да го полагаат на мајчин јазик, повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците.