Македонија
13. November 2026 - 16:32

Скопје слави 82 години од ослободувањето

Пред 82 години Скопје ја извојува својата слобода од фашистичкиот окупатор. Оттогаш се менуваа генерации, се менуваше и ликот на градот, но Скопје продолжи да живее и да се развива. Денес, главниот град води поинакви битки, со загадениот воздух, сообраќајниот хаос и забрзаната урбанизација. И додека им оддаваме почит на оние кои се изборија за неговата слобода, останува одговорноста на денешните генерации да го направат Скопје подобро место за живот. 
Какво Скопје паметат граѓаните, а какво е денес? За некои денешно Скопје нуди подобри услови и повеќе можности, други пак со носталгија се сеќаваат на старото Скопје, исполнето со повеќе дружби, помалку гужви и поинаков градски дух. Но, и денес Скопје се соочува со бројни предизвици и проблеми за кои граѓаните очекуваат решенија.

Скопје низ историјата се соочувало со бројни искушенија, но секогаш наоѓало сила да продолжи напред, порача скопскиот градоначалник, посочувајќи ги проектите на кои Градот во моментов работи.

Скопје беше ослободено на 13 ноември 1944 година, а денес е заробено од неспособна и криминална власт на ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозициската СДСМ. 

На 13 ноември 1944 година, по неколкудневни жестоки борби низ скопските улици, кај Поштата, Народната банка и Железничката станица, Скопје било ослободено од фашистичкиот окупатор. Македонските борци, со помош на скопјани, успеале да го спречат минирањето на Камениот мост од страна на германските сили, а од уништување била спасена и хидроцентралата Матка.

Денеска цвеќе се положуваше пред Споменикот на ослободителите на градските гробишта Бутел и пред Владата. Вечерва на свечена церемонија во МОБ ќе биде доделена наградата 13 ноември.