Почна расправата за буџетот: Колку ќе собере, а колку ќе потроши државата догодина?
Почна комисиската расправа за буџетот за 2027. Планот на Владата е догодина да собере нешто над 6,4 милијарди евра. Во исто време, се планира да се потрошат речиси 7,2 милијарди евра. Разликата, односно буџетскиот дефицит, ќе биде околу 730 милиони евра што е 3,5% од БДП.
Најголем дел од парите повторно ќе одат за редовни обврски. Само за пензии се планирани околу 2 милијарди евра. Владата очекува економијата да порасне за 3,8 проценти, инфлацијата да изнесува 3,2 проценти, а просечната нето-плата да се зголеми за 6,7 проценти.
„Овие проекции се проследени со ризици кои главно произлегуваат од надворешното опкружување. Продолжувањето или ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и во Украина, нестабилноста на цените на енергенсите енергенсите, трговските тензии и нарушувањето на синџирите на снабдување можат да имаат негативни ефекти врз глобалната и домашната економија“, кажа министерката за финансии, Кочоска.
За капитални инвестиции се планирани 663 милиони евра, наменети за Коридорите 8 и 10д, модернизација на железницата, реконструкција на студентски домови, училишта и спортски сали, како и за БРТ во Скопје.
Догодина треба да се вратат и околу две милијарди евра долгови. Тука спаѓа и еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година.
Првиот човек на Фискалниот совет, пак, смета дека треба да се гледа дали задолжувањето придонесува за економски раст и дали парите навистина се враќаат во стопанството. Предупреди дека пријавените, доспеани, а неплатени обврски на државата веќе изнесуваат околу 700 милиони евра.
„Ви гарантирам дека се многу повеќе, но не знам точно колку, затоа што има многу обврски што не се пријавуваат навреме, знаејќи ја фискалната дисциплина. Дефинитивно треба да се воспостави фискална дисциплина, не само кај буџетските корисници на централно ниво, туку и на локално ниво, кај јавните претпријатија и претпријатијата со доминантен државен капитал, особено кај општините“, вели Беџети.
Од СДСМ оценија дека во предложениот буџет нема доволно простор за развојни инвестиции, додека растот на долгот и трошоците за камати оставаат сè поголем товар врз јавните финансии.
„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати. Доаѓаме до една од најважните економски пораки што произлегуваат од самиот Буџет, а тоа е дека товарот од сервисирањето на јавниот долг расте многу побрзо од новите вложувања во економската иднина“, истакана Битиќи.
За предлог-буџетот поднесени се 400 амандмани. Комисиската расправа продолжува во понеделник.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
