Македонија
8. March 2025 - 16:33

Со законски измени против поскапување на производите

Владата и пазарниот инспекторат следната недела на состанок ќе ја разгледуваат можноста за законски измени кои треба да спречат поскапување на производите низ маркетите, откако ќе се одмрзнат цените и маржите. Освен ова, ќе се разговара и за цените во аптеките и продавниците за бела техника. Премиерот вели дека се прават контроли како никогаш досега.

„Се бориме, процесот е динамичен. Можам да кажам дека очекувам намалување на трошоците веќе во март споредено со февруари. Жестока е контролата, како никогаш досега. Епски жестока, робусна. Очекувам дел од трговците наместо да нарачуваат „платени прес-конференции кај опозицијата да се завртат кај самите себе и да им служат на граѓаните бидејќи тие постојат за граѓаните. Наместо да подметнуваат текстови кај опозицијата кои таа ги чита на прес-конференции да стават прст на чело и да не се служат со трикови, туку да работат во интерес на граѓаните“ – Христијан Мицкоски, премиер.

Во моментов пазарниот инспекторат анализира 30 предмети каде се опфатени сите големи ланци на маркети. Осум трговци добија клуч на врата 15 дена, а ќе треба да платат и парична казна затоа што не ги почитувале замрзнатите цени и ограничените маржи.

Од друга страна, опозицијата и денеска критикува дека цените се високи, а платите ниски. 

„Оваа влада не знае што значи да се преживува со 500 евра. Нивните функционери не знаат што е празен новчаник на 20-ти во месецот. Не знаат што е да се избира помеѓу храна, сметки и лекови. И затоа, кога работниците почнаа да бараат зголемување на минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ реши да ги нападне синдикатите, да создаде хаос и да одвлекува внимание со измислени приказни за политички координации. Но вистината е јасна: единствената „координација“ тука е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и елитата. Нивниот приоритет не се работниците, туку газдите и елитата“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека сојузот на синдикати ги одразува идеите на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ обелодени дека Трендафилов бил на состаноци со СДС и дека е во постојан дослух со нив и со Левица, а СДС излезе и призна. Сања Лукаревска од собраниска сала за прес-конференции јасно кажа дека се гледале со Слободан Трендафилов. Сите барања на ССМ, се политички и ги следат тезите на СДС. Барањата на ССМ не се поткрепени со реалноста“ – Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Минималната плата треба да порасне месецов, а да биде исплатена во април. Според сегашните пресметки, зголемувањето ќе биде околу 2 илјади денари.