Собрани 160.000 денари од хуманитарното паркирање во Штип
Околу 160.000 денари за четири месеца од хуманитарното паркирање во Штип ќе се слеат на контото на Солидарниот фонд. Иако оваа сума не голема, сепак ќе им биде од корист на ранливите категории граѓани, како и за итни случаи на кои им е потребна итна финансиска помош.
- Со оглед на тоа што започнавме во летната сезона, кога наплатата на паркинг е на најниско ниво, имавме голем период на толеранција на граѓаните да се привикнат на промените. Сепак, во овој период од четири месеца, остваривме вкупен приход од 800.000 денари од кои 20% одат на сметка на Солидарниот фонд. Солидарниот фонд има Управен одбор и свои независни тела кои понатаму ќе одлучат кому да му се помогне со овие средства- изјави Панче Стефановски, директор на ЈП „Стипион“ – Штип.
Вакви паркинг места има пред општинската зграда, покрај Плоштадот „Слобода“,како и на платформите за паркирање на река Отиња. Секоја локација од зоната е соодветно означена со информативни табли, а дел од местата се и креативно обележани.
- Видливо е во градот дека има повеќе достапни паркинг-места за потребите на граѓаните, тоа беше и едната причина за воведување на хуманитарната зона, додаде Стефановски.
Штип е град кој располага со 800 паркинг места, а паркирањето на позициите кои не се дел од хуманитарната паркинг-зона чини 20 денари за првиот и 15 денари за секој следен час.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар