Собранието го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија
Професорот по правни науки Гоце Наумовски е избран за нов уставен судија. Пратениците го избраа Наумовски со 63 гласа „за“ и 7 „против“, без никаква дебата во собраниската сала, иако опозицијата претходно коментираше дека власта избира уставен судија кој бил советник на премиерот. Тој веднаш стапува на функцијата.
Наумовски доаѓа на местото на професорката Јадранка Дабовиќ Анастасовска, која пред еден месец си поднесе оставка од функцијата уставен судија од лични причини. Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, вчера го поздрави предлогот Наумовски да го пополни празното столче во Судот, токму затоа што доаѓа од академската средина.
Но, изборот на Наумовски не беше единствената работа на пратениците денеска. Тие прво ги констатираа оставките на Беслимовски, со што од овој момент Регулаторната комисија за енергетика останува без претседател, како и на Цвета Ристовска од функцијата член на Антикорупциската комисија.
Опозицијата, пак, доби можност два часа да поставува пратенички прашања. Фокусот беше ставен на минималната плата.
На прашање од СДСМ, министерката Јаневска одговори дека не се повлекува од новиот предлог-закон за високо образование.
Со дневниот ред на денешната седница, во собраниска процедура влезе и законот за минимална плата, поднесен од опозициската СДСМ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
