-->
-->
Собранието изгласа укинување на техничката влада - за власта таа е надминато решение, опозицијата смета дека без неа ќе нема услови за демократски избори
-->

Собранието попладнево го донесе Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, по скратена постапка, со кој по одржувањето на следните парламентарни избори ќе се укине техничката (преодната) влада. Т.н. пржинска влада беше воведена како ад хок решение за изборите во 2016 година и како механизам што ќе гарантира фер и демократски избори, со вклучување дополнителни министри предложени од опозицијата во 100-те дена пред одржување на изборите.
Од 81 присутен пратеник на 98. седница, 70 гласаа „за“, 11 беа против и немаше воздражни. Во расправата полемизираа пратениците од власта и од опозицијата. Според пратениците од владејачкото мнозинство, техничката влада е надминато решение, а опозициските сметаат дека ќе нема услови за демократски избори ако таа се укине.
- Да престанеме да ја третираме македонската демократија како пациент на апарати и да покажеме дека може и функционира демократски. Законот го носиме заради институционална стабилност во иднина, да не останеме во пржинскиот лавиринт. Техничката влада беше ад хок решение за излез од кризата во 2015. По 11 години мора да покажеме дека сме способни за фер избори, без вештачки пржински модели, рече Никола Мицевски, коориднатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Ги праша пратениците од СДСМ зошто им е потребен заштитетн механизам ако се сигурни во победата на следните избори кога последен пат ќе важи техничката влада.
Мицевски рече дека во првата пржинска влада во 2016 немало деформитети, но тие се појавиле, рече, во следните технички влади „кога имаше надгласување на министри што носеа одлуки во нивните ресори“. Најголем деформитет, како што рече, е кога СДСМ разрешил министер предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тие моменти некој ги памти. Тогаш техничката влада почна да ги покажува своите анималии. Сите вие во неформални разговори кажувавте дека треба ден порано техничката влада да се укине затоа што е непродуктивна, изјави Мицевски, додавакјќи дека и во 2021 и во 2023 година, кога биле опозиција, барале укинување на техничката влада односно дека се конзистентни во ставовите.
И пратениците на нивниот коалициски партнер Вреди во текот на седницата се изјаснија за укинување на техничката влада. Аднан Азизи ја нарече „остаток од лошо минато“.
-Техничката влада е од времето на висока поларизација и ниска доверба дека владата може да организира фер и демократски избори. Тоа беше поради штетните политики на ДУИ со Груевски и Мијалков, кои ја уништија довербата во институциите и ова беше излезно решение. Но, тоа помина. Сега сме членка на НАТО и сме во релативно демокартска клима. Последните избори беа најдобри во историјата и според сите меѓународни фактори, и не постои ниту еден аргумент техничката влада да продолжи, истакна Азизи.
Јованка Тренчевска од СДСМ во излагањето кажа дека техничката влада била предложена само за изборите во 2016 година, а во 2018 година, рече, на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш во опозиција, преку консултации било договорено да се направи предлог-закон со кој техничката (преодната) влада ќе важи сè до влегување на Република Македонија во Европската Унија.
Според неа, власта предлага укинување на техничката влада по скратена постапка, „арогантно и без консултација со опозицијата, само со два информативни состанока“.
-Техничката влада е механизам кој може да обезбеди минимални услови за фер и демократски избори, тоа не е привилегија на опозицијата туку законска обврска до создавање услови. Таа требаше да биде мост од заробена држава до демокартска држава. Вие го срушивте тој мост пред да преминеме од другата страна на мостот, пред да станеме демократска држава. Денес имаме заробена држава, судство и медиуми под контрола на власта, полиција во служба на власта и во вакви услови техничката влада не смее да биде укината, рече Тренчевска и побара предлогот да се повлече и да се почне со „широк процес на консултации за решение со консезнус од сите четири големи партии“.
И реплицираше министерот за јавна администрација Горан Минчев, кадар на ЗНАМ, според кого, крајна цел на СДСМ е да не учествува на следните парламентарни избори.
-Овој закон е првиот дел од вашето сценарио. Не е точно дека се укинува, останува во сила само за следните парлементарни избори. Значи, вие не сте убедени во победата на вашите политички партии. Напротив, вие го рушите во континуитет мостот кој е воспоставен, рече Минчев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски посочи дека постојниот закон е формат договорен во Пржино и е единствено законско решение во кое, рече, стои дека е договор помеѓу четирите најголеми партии во Собранието, што не постои во ниеден друг закон.
-Едностарно укинување, без да се почитуваат принципите на кои бил усвоен, не е реформа ниту напредок на општеството во овој момент. Ние ќе гласаме против ова законско решение затоа што се што е усогласено со волја и политички деклариции на четирите партии од законодавниот дом, по истиот пат треба да се оди и за негова промена, сите да бидеме согласни. Ако не биде така, тогаш отсуствува политички дијалог и ако се избегнува дебата за вакви клучни прашања во Собранието, тогаш не можеме да глумиме во работата за Изборниот законик, рече Спасовски.
Моника Зајкова од ЛДП, пак, рече дека наместо да се плаќаат вонредни трошоци за дополнителни министри во техничката влада, за кои, рече, цената ја плаќа народот, треба да се воведе електронско гласање.
-Тоа е вистинскиот пат кон напредокот. Не сме тука за решенија на друга партија, туку во интерес на граѓаните. Јавноста гледа парада на дополнителни министри, заменици и функционери кои 100 дена се занимаваат со реваншизам, со смени на професионалци и со меѓусебни препукувања за дневнополитички поени, рече Зајкова.
Седницата беше пролонгирана со паузи и консултации затоа што координаторката на пратеничката група на ДУИ/Европски фронт, Рина Ајдари, побара измените да бидат разгледани на седница на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците.
Попладнево Собранието не го поддржа нејзиното барање да се прекине седницата за Законот за Владата на Република Македонија, ако за него не се гласа со Бадентерово мноизинство.
- Имате обврска и можност тоа да го направите, ако го надгласувате нашето право да сме еднакви граѓани и еднакви пратеници со другите ќе ја напуштиме седницата. Лошо го интерпретирате Деловникот за работа, правите преседан со кој сите други барања што ќе следуваат ќе ги надгласате и мајоризирате, му рече Ајдари на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, кој ја водеше 98.седница.
Милошоски прочита записник од 3 април 2019 од донесувањето на Законот за влада, кога претседател на Собранието бил Талат Џафери, а предлагачи СДСМ и ДУИ.
-Законот е донесен како и сите други закони, и без квалификувано мнозинство, рече Милошоски, додавајќи дека постапува врз основа на воспоставена пракса.
Следна точка пред пратениците во рамки на 98. седница е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, по скратена постапка.
МИА
-->
-->
-->
Ново на Сител
-

Претседателот Пармелан на средба со премиерот и стопанствениците
-

Се укинува Пржинската Влада
-

Тема на денот со Даниела Иротова Лазарева, директорка на Агенција за финансиска поддршка на земјоделието
-

Ужас во Гостивар - 15 годишник ја силувал помалата сестра
-

Народен правобранител: Системот со сериозни слабости, секое петто дете е жртва на сексуално насилство
-

Треба ли државата да ги забрани социјалните мрежи за децата
-

Собранието решава за техничката влада
-

СДСМ ги реализираше заканите - не дојде на состанок на работната група за Изборен законик
