Македонија
28. January 2026 - 8:07

Собранието ќе ја одржи 83. седница, на гласање новите состави на ДИК и КСЗД и измените на Кривичниот законик

Собранието денеска ќе ја одржи 83-та пленарна седница, на чиј дневен ред се новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) и изборот на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Дополнетиот предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик во второ читање и Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова–КфВ по Договорот за заем за финансирање на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија, фаза 2, по скратена постапка.

За седумчлениот нов состав на ДИК пријавени беа вкупно 16 кандидати. На седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на 21 јануари беа утврдени кандидатите за новиот состав. За претседател на ДИК од СДСМ е предложен Бојан Маричиќ, дипломиран правник и магистер по меѓународно и европско право и современи европски студии од Скопје, додека за потпретседател од Движењето Беса, која е дел од коалицијата БРЕДИ, е предложен Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки финансии од село Непроштено - Теарце. За членови на Комисијата се предложени Александар Даштевски, дипломиран правник од Скопје, Ангелчо Ристов, дипломиран правник и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево, и Светлана Карапетрова, дипломиран економист и магистер по економија, финасии, сметководство и ревизија од Тетово од ВМРО-ДПМНЕ, Борис Кондарко, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје од СДСМ и Дитмире Шеху, дипломиран правник од Гостивар од ДУИ.

За нови членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата беа утврдено Лимко Бејзароски, дипломиран политиколог и доктор по историски науки од Пласница, Наташа Амдију, дипломиран правник и магистер по правни науки од Берово и Џихан Ахмед, дипломиран правник и магистер по правни науки од Скопје. За членови на КСЗД се пријавени вкупно 14 кандидати.

Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија. Комисијата е составена од седум члена, кои ги избира и ги разрешува Собранието. Членовите на Комисијата се избираат со мандат од пет години, со право на уште еден последователен избор. При изборот треба да се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество. За член на Комисијата може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, да има VII/1 степен на образование и минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација и да не е носител на функција во политичка партија.

За Дополнетиот предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, беа поднесени 14 амандмани од кои беа прифатени два амандмани, по еден од опозицијата и власта, додека 11 беа одбиени. Еден амандман беше повлечен од собраниските служби. Целта на Дополнетиот предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик е отстранување на слабостите во постојните одредби од Кривичниот законик и постапување во согласност со решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 58/25. Tенденцијата на предложените законски измени и дополнувања, како што се наведува, е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните пропишани казни за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, И злосторничко здружување од член 394.

- На овој начин би се отстраниле лоцираните слабости во постојните одредби на овие кривични дела, особено во заострувањето на казнената политика во насока на повторно остварување на нејзината превентивна и репресивна функција. Воедно, со овој пристап ќе се постапи во согласност со забелешките во извештајот на Европската комисија за 2023 година и повторно ќе се воспостави реална и добра правна рамка за зајакнување на борбата против високата корупција.

Со Предлог измените и дополнувањата на Кривичниот законик за што е користена компаративна анализа подготвена во Собранието, се воведува и ново кривично дело - инкриминирање на злоупотребата на туѓа снимка, фотографија, аудиозаписи или списи со сексуално експлицитна содржина.

- Поаѓајќи од злоупотребите на приватноста и утврдените правни празнини во постојните одредби на Кривичниот законик при нивното спроведување во практиката, недвосмислено се наметна потребата за воведување ново кривично дело, односно инкриминирање на злоупотребата на туѓа снимка, фотографија, аудиозаписи или списи со сексуално експлицитна содржина. Со тоа предложеното кривично дело во законското битие како објект на заштита ја има приватноста, а елементот на дејство на извршување претставува сторителот на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето што е прикажано на снимката, фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот, се вели во предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Со предлог-законот е опфатена и одредбата за проширената конфискација, т.е. членот 98-а, во насока на проширување на опфатот на кривични дела за кои би можела таа да се примени. Исто така, се врши и доусогласување со Истанбулската конвенција преку редефинирање на кривичното дело телесна повреда од член 130 на Кривичниот законик со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност.

- Поради лоцираните слабости во практиката, а со цел нивно надминување, се предлага и вградување два нови облика кај кривичното дело трговија со дете заради надминување на состојбите со питањето. Покрај овие предлог-измени и дополнувања, предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик содржи и измени, кои се итни, а имаат карактер на техничко појаснување и подобрување на одредени одредби, и тоа кај куќниот затвор, условната осуда со заштитен надзор и проширената конфискација. Од наведеното јасно произлегува дека предлог-законот и во него содржаните законски решенија се неопходни како правни механизми за да се отстранат идни евентуални штетните последици од донесените законски измени на Кривичниот законик во септември 2023 година, а воедно и за исполнување на европските и меѓународните стандарди воопшто, се посочува во образложението.

Предлог-законот содржи и одредби за хармонизирање на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето предмети со пакетот предлог-закони поврзани со проектот „Безбеден град“.

 

МИА