Собранието треба да ги констатира оставките на Бислимовски и на Ристовска и да го избере Гоце Наумовски за нов уставен судија

Собранието денеска ќе ја одржи 85. седница на која се очекува да бидат констатирани оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимовски и на членот на Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси Цвета Ристовска. На седницата исто така се очекува да се најде и изборот на Гоце Наумовски, за нов уставен судија. По усвојувањето на точките од дневниот ред следат два часа за опозициски прашања до премиерот и министрите.
На предложениот дневен ред на 85. седница засега се ставени две точки и тоа Предлог за именување на (непрофесионално ангажиран) член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување и Предлог на закон за органско земјоделско производство, во прво читање.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски својата оставка до Собранието ја достави на 12 февруари годинава барајќи од законодавниот дом да утврди престанок на функцијата, без да образложи зошто го бара тоа.
Мандатот на Бислимовски, кој вторпат е на чело на РКЕ, му истекува во јуни 2028 година. Управата за финансиска полиција (УФП) пред неколку недели поднесе кривична пријава за Бислимоски сомничејќи го за злоупотреба на службената положба и овластување.
Членот на ДКСК Ристовска испрати допис до Собранието следниот ден, на 13 февруари, во којшто наведува дека по недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа донела одлука да поднесе неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси.
- Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата, во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси, барав изземање во согласност со законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет, напиша Ристовска во оставката.
Оставката на Ристовска следува откако некои медиуми минатата недела објавија дека ДКСК отворила два предмети против неа, поврзани со непријавување на фирмите на нејзините деца во анкетниот лист и потенцијален судир на интереси.
По констатирањето на оставките треба да биде свикана седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да распише огласи за избор на нов претседател на РКЕ и за нов член на Антикорупциска.
Минатата недела Комисијата за нов уставен судија го предложи проф. д-р Гоце Наумовски, професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје, кој доаѓа на местото на уставната судика Јадранка Дабовиќ Анастасовска која од лични причини поднесе оставка на фукцијата во декември минатата година.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на понеделничкиот брифинг со новинарите најави дека предлог дневниот ред на седницата би можел да биде дополнет.
МИА
Ново на Сител
-

Рози Мицкоска на приемот кај првата дама на САД, Меланија Трамп
-

Командант на НАТО тврди дека Путин станува сè поопасен и посклoн кон ризици околу војната во Украина
-

Гутереш: Нема алтернатива решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт
-

Македонската делегација ќе присуствува на состанокот на ЕУ со балканските земји во Њујорк
-

Поранешен припадник на ОВК приведен на Блаце, по распит пуштен на слобода
-

Хакерска група тврди дека пробила во сајтот на ФБИ и украла податоци за вработените
-

Блесин нов тренер на Борусија Менхенгладбах
-

Медиуми: Артета и Арсенал договорија продолжување на соработката
