Македонија
16. December 2025 - 16:35

Сомнеж за злоупотреба на речиси 2 милиони евра во Државна лотарија, утврди Заводот за ревизија

Сериозни неправилности и сомнежи за злоупотреба на јавни пари откри Заводот за ревизија во работењето на Државната лотарија лани.

Со анализа на сметководствените книги и електронските системи, утврдени се нелогични трансакции вредни речиси 2 милиони евра. Ревизорите наведуваат дека постои сомнеж за злоупотреба на овие пари.

Дневниот пазар не бил редовно уплаќан на банкарските сметки. Направени биле само две уплати во годината, но и тие не биле од дневна продажба, туку од пари подигнати од една сметка и уплатени на друга.

Во Фондот за добивки, според извештајот, недостасуваат над 1 милион евра.

За три игри со скапи награди, како станови, автомобили и електрични скутери, воопшто не постоела евиденција, што, според ревизорите, отвора можност за неосновано присвојување. Набавки се вршеле пред одобрување на правилата од Министерството за финансии.

Лани за рекламирање биле потрошени над 3 и пол милиони евра.

- Средствата за маркетинг се 10 пати зголемени во 2024 во однос на 2020 година. Имаме огромно зголемување на она што значи трошоци за продукција, каде што во самиот извештај е наведено дека одредени емисии или продукции не се доставени, а е извршено плаќање. Имаме сомнеж во она што значи набавка на електронски апарати за приредување на игри на среќа каде што се платени некаде 9 милиони евра, меѓутоа истите не се ставени во употреба. И имаме сомнеж во делот на закуп на деловен простор каде околу 6 месеци воопшто не се користи, а е извршено плаќање, а во одреден временски период во суштина тој се користи само како гаражен или магацински простор, изјави главниот државен ревизор, Максим Ацевски.

Ревизорите утврдиле дека биле ангажирани 195 лица со договори за дело, од кои 75 воопшто не доаѓале на работа, а за тоа биле исплатени речиси 242 илјади евра. Дополнително, откриени се неправилности кај службени патувања, гориво и репрезентација - со пари од Лотаријата биле плаќани и лични трошоци, облека и сувенири.

Државниот завод за ревизија за сите овие состојби ги известил Финансиската полиција и Обвинителството.