Фудбал
15. July 2026 - 9:24

СП 2026: Дешан – Многу сме разочарани

Францускиот селектор Дидие Дешан не го криеше разочарувањето по поразот од Шпанија (0-2) во синоќешното прво полуфинале на Светското фудбалско првенство.

„Очигледно има многу разочарување. Играчите се скршени, имавме големи амбиции. Сепак, мораме да бидеме реални и да признаеме дека на овој натпревар технички бевме чекор подолу против тим кој знаеше што прави. Тоа е првенствено наша вина“, изјави Дешан по полуфиналето во Далас.

Француските фудбалери беа немоќни да му се спротивстават на актуелниот европски првак и речиси безопасни во нападот.

„Главната причина е што бевме под просекот и помалку опасни во нападот отколку што можевме да бидеме. Направивме неколку технички грешки и промашивме додавања што можеа да доведат до ситуации и можности. Колку и да е болно, мораме да го прифатиме тоа, ова е фудбал на највисокото ниво“, рече Дешан.

Франција својот последен натпревар на Светското првенство ќе го одигра в сабота во Мајами во дуелот за третото место против поразениот тим од второто полуфинале меѓу Аргентина и Англија.

„Целосно сум посветен на натпреварот за третото место, ќе го подготвам натпреварот со играчите со цел да направиме сè што можеме за да стигнеме до крај“, порача францускиот селектор. 

 

МИА