СП 2026: Норвешка со два гола на Халанд го урна Бразил и обезбеди четвртфинале

Норвешка предводена од двојниот стрелец Ерлинг Халанд извојува синоќа сензационална победа над Бразил од 2-1 и се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во фудбал.
Ѕвезда на натпреварот беше незапирливиот Халанд, кој ги постигна двата гола за Норвешка, најпрво со глава и донесе водство на Норвешка во 79. минута, додека во 90. минута го удвои водството со прецизен удар од работ на шеснаесетникот. Нејмар од пенал во десеттата минута од судиското продолжение го постигна почесниот гол за Бразил, откако петкратниот светски првак во раната фаза на натпреварот во Њу Џерси не реализираше пенал.
Норвешка го отвори натпреварот со гол во третата минута, но погодокот на Берг беше поништен бидејќи на почетокот на акцијата Сорлот беше во офсајд.
Бразилците не чекаа долго да возвратат и имаа идеална шанса да поведат во 14. минута, кога ударот на Бруно Гимараеш од белата точка го скроти норвешкиот голман Нуланд, одржувајќи го резултатот 0-0.
Натпреварот во продолжението влезе во помирна фаза, а Норвешка многу почесто ја имаше топката во посед, додека Бразил ја чекаше својата шанса од контранапади.
Бразил имаше идеална шанса да дојде во водство во 40. минута, но обидот на Винисиус Жуниор откосо од десетина метри Нуланд го запре со нога и спречи сигурен гол.
Во судиското продолжение од првото полувреме, Норвежаните возвратија преку Одегард, но бразилскиот голман Алисон го одбрани неговиот удар.
Првата шанса во вториот дел ја имаше Бразил, но Ендрик во 59 минута лошо реагираше во ситуација еден на еден со норвешкиот голман.
Потоа, Рајан имаше шанса за Бразил, а Халанд за Норвешка, додека Нејмар влезе на теренот 68. минута. Играта беше отворена на двете страни и се чинеше дека обете репрезентации сакаат да избегнат продолженија.
Норвешка поведе во 79. минута кога претходно незабележливиот Халанд со глава го совлада Алисон, а во 90 минута го постигна и својот втор гол на натпреварот.
Бразил во продолжението се обиде да избегна елиминација од мундијалскиот турнир, но успеа само да постигне почесен гол преку Нејмар од пенал (90+10).
Норвешка прв пат во својата историја се пласираше во четвртфиналето во кое за противник ќе го има победникот од дуелот меѓу Мексико и Англија.
МИА
Ново на Сител
-

Судијата Кацарска на меѓународна конференција во Црна Гора за европската интеграција, владеење на правото и ВИ во судството
-

МВР со засилени контроли: Ќе се казнува користење мобилен телефон додека се вози
-

МЗ: Се очекува вакцините против грип да бидат обезбедени во текот на месецов
-

Во септември во Скопје заловени 172 кучиња од улица, 124 кастрирани и стерилизирани
-

Средба на Сиљановска-Давкова со претставнички на Здружението „Јас Сум Жена“
-

Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги интензивираат регионалните енергетски врски и новите коридори за снабдување
-

Светската банка ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија на 3,2% за 2026 година
-

Белодробна чума?: Мистериозна смрт на вработена во анти-чума лабораторија во Иркутск
