Македонија
22. August 2023 - 16:31

Спасовски и Агелер во посета на граничниот премин Богородица

Борбата против корупцијата останува заеднички приоритет на Македонија и САД, порачаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и американската амбасадорка Анџела Агелер кои беа во посета на граничниот премин Богородица. Според статистиката на МВР за шест месеци годинава биле откриени 49 кривични дела од областа на корупцијата. Споредбено со истиот период лани забележано е намалување за 22 проценти. Ова  според министерот Спасовски покажува дека ефикасноста на полицијата се зголемува, а бројот на случаи во делот на корупцијата се намалува. За време на посетата на Богородица Спасовски и Агелер се информираа за работењето на преминот, но и примената на така наречените боди камери и специјализираните возила за откривање радиоактивен материјал донирани од амбасадата на САД.

Телесните камери не се прва донација од САД за македонската полиција. Од 2016 година па до сега ти имаат донирано околу 4 милиони долари како поддршка за граничната безбедност во државата. Според амбасадорката Агелер тие и понатаму остануваат силен партнер на МВР.

„Телесните камери имаат многу значајна улога во безбедноста на оваа земја, како и другата опрема за полицијата и другите безбедносни служби. Многу сум горда и задоволна од резултатите од користењето на овие телесни камери. Тие се оружје против корупција, но и заштита и за полицајците и за граѓаните на оваа земја. Горди сме што заедно стоиме овде и ѝ честитаме на полицијата за одличната работа што ја прави и уште еднаш ќе речам дека стоиме со народот, со владата, со министерството и очекуваме да продолжи нашата соработка“, рече Ангела Агелер, амбасадор на САД.

Освен на граничниот премин Богородица и средба со раководството на РЦ Југ Агелер и Спасовски го посетија и транзитниот центар Винојуг а направија и увид во работата во возило со термални камери поставено на Вршник Баре.