Специјалисти за кои има недостиг ќе можат да работат до 70 години - ќе земаат и плата и пензија
Специјалисти чија специјалност е дефицитарна ќе можат да работат до 70 години, наместо 67 како што е досега. Во меѓувреме ќе добиваат и пензија и плата, а не како што е сега ако продолжат со работниот ангажман да имаат само еден приход. Ќе си го задржат и факсимилот, а директорот на здравствената установа ќе мора да докаже пред министерството и фондот дека навистина има потреба од тој специјалист.
Ова е една од измените на законот за здравствена заштита.
-Една од целите е дефицитот што го имаме со специјалисти во нашата држава и со ова ќе се покрие тој дефицит, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Неодамна министерот за здравство излезе со загрижувачки податоци дека во Македонија има само 30-тина патолози и 40 онколози, а гинеколози има повеќе од потребното.
Со законските измени ќе се покрие недостигот додека се создаде нов специјалистички кадар.
Ќе се уредуваат и специјализациите кои нема да бидат по желба туку по потреба. Вработувањата треба да се реализираат според рангирање, а најдобрите студенти доколку се пријават на конкурс веднаш да се вработат без тестирање.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
