Спогодбата за минималец од 600 евра остана без потпис, Мицкоски на средба со УПОЗ во четврток
Столчето спроти претседателот на ССМ остана празно. Никој од Владата не се одѕва на поканата на синдикатот. Спогодбата за минималец од 600 евра и раст на сите останати плати за 100 евра остана без потпис.
- За жал, претставникот на владата не се охрабри и не се појави во Сојузот на синдикати. Веројатно има многу поважна агенда од зголемување на работничките плати. Приоритети се во прашање – изјави претседателот на ССМ, Трендафилов.
Во Владата не им е јасно кој требало да отиде на средба. Велат ова е обид да се создаде лажна слика за социјалниот дијалог.
- Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на Премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот – стои во владиното соопштение.
Средбата доаѓа откако премиерот понуди зголемување на платите на околу 7.800 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата за 40% во период од две години, но под услов да се тргне делот за плати од Општиот колективен договор. За синдикатите ваквата понуда не е прифатлива.
- Ако зборуваме со паричките значи намалување на работничките плати за повеќе од 22% или укинување и на 10 процентното зголемување на работничките плати во јавниот сектор потпишано со општиот колективен договор. Премиерот бара укинување на методологијата која ја ужива тој како функционер – просечна плата по коефициент за сложеност, само за да не ги зголеми платите на работниците или кажано во парички, значи дека ќе им земат 3 парички на работниците, а ќе им дадат една. Тоа е недозволиво – кажа Трендафилов.
На минатонеделниот протест, ССМ најави дека ако власта нема слух за зголемување на платите, ќе следат блокади, а прво на листата е Собранието. Таму во петокот стигна предлогот на опозициската СДСМ за минималец од 600 евра, но според собранискиот календар, за оваа недела не е закажана ниедна седница. Кога ќе се реализираат најавените блокади, синдикатите ќе одлучат утре.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
